Воспитување

Џвакање предмети, нишање, вртење… – навики кои всушност го помагаат детскиот развој

Според студија од 2018 година, чии резултати биле објавени во списанието „Семинари за педијатриска неврологија“, до 70 отсто од децата растат со одредени необични движења и навики, како што се тресење на ногата, грицкање нокти или играње со косата. И не само што овие необични навики се нормални, туку децата ги имаат со причина. Имено, тие се начин на саморегулирање на сопствените сетила.

„Штом ќе разберете што прави вашето дете, зошто го прави тоа и со која цел, веќе нема да гледате на тоа како на чудна навика, туку како однесување со цел“, објаснува развојниот педијатар Аманда Бенет. Еве кои се навидум лошите или загрижувачки навики.

Цицање или џвакање предмети

„Децата што имаат тенденција да џвакаат или цицаат предмети може да го прават тоа затоа што нивната уста не е доволно чувствителна. Имено, детето кое си ја цица маицата може да има помала чувствителност и да му треба нешто повеќе за да го намали овој нагон“, тврди Линдзи Бил, детски терапевт. „Исто така, овие деца се смируваат со таквите звуци и си создаваат чувство на удобност, со ослободување на серотонин и допамин, кои им помагаат да се чувствуваат смирени“.

Како што објаснува Бил, тоа често се деца кои доцнат кога станува збор за развојот на говорот, а често имаат одредени проблеми и со исхраната и прехранбените навики.

„Во повеќето случаи тие имаат проблеми со совладување на прецизните движења на усните и устата бидејќи нивните сетила не ги обработуваат информациите како што е случај со другите деца“, додава терапевтот. Иако овие навики се главно безопасни, родителите треба да го насочуваат ова однесување за да спречат задушување или акумулирање на бактерии во устата на нивното дете. На пример, ако цицањето на палецот продолжи по двегодишна возраст, тоа може значително да влијае врз обликот на устата на детето и да доведе до проблеми со загризувањето.

Детето се ниша или се врти

Родителите често се загрижени кога нивните деца имаат тенденција да се нишаат и често да се вртат. Сепак, овие необични навики не мора да бидат причина за загриженост, објаснуваат експертите. Имено, децата што повеќе се вртат, се нишаат и скокаат имаат вестибуларен систем кој бара поголеми движења бидејќи имаат мала чувствителност на дразби. „Постои нешто што се нарекува превртена U-крива. Кога детето се врти, неговата возбуда се зголемува и се подобрува неговата способност да остане смирено и прибрано. Односно, додека не го достигнат врвот на кривата каде што возбудата се зголемува“, објаснува д-р Луси Џејн Милер. Сепак, како што додава, преминувањето на овие граници може да доведе до проблеми со сетилното оптоварување на детето.

Мирисање предмети

„Мирисот е единственото сетило кое директно се поврзува со лимбичкиот систем, центарот на мозокот за емоции, меморија и задоволство“, објаснува Бил. „Децата често мирисаат нешта што им враќаат спомени за кои сметаат дека се пријатни“. Како што додава, тоа е сосема нормална работа која придонесува за нивниот целокупен развој.

Често мрдање

„Допирањето, стискањето, боцкањето, играњето со коса и сите други слични форми на нервозно мрдање создаваат сензации кои ја потхрануваат потребата на бебето за допир, а често и потребата за многу специфичен тип на мало движење“, вели д-р Милер. Како што објаснува таа, телото ослободува окситоцин за добро чувство во тие моменти, како одговор на тактилните движења на прстите и рацете, според студијата објавена во списанието „Frontiers in Psychology“.

Покрај смирувачкиот ефект, честата потреба од мрдање може да му помогне на детето подобро да се фокусира на одредена работа.

„Знаеме дека сите деца се движат при понапорни ментални активности, а децата користат мали движења за да го стимулираат мозокот. За некои деца, особено оние со АДХД, нервозата помага да се вклучи нивниот мозок и да се зајакне нивната работна меморија“, вели психологот Мајкл Џ. Кофлер.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top