Воспитување

Џепарлакот не е награда

Како што растат децата и стануваат позрели, така од нив се очекува и поодговорен однос кон обврските, пред сè дома. Прво треба да научат да ги средуваат своите играчки и својот простор, а подоцна и да помагаат во домашните работи, од фрлање ѓубре, преку поставување на масата до одење по набавки. Некои родители сметаат дека ова се обврски што се подразбираат, додека други нивното исполнување парично го наградуваат затоа што сметаат дека на тој начин дополнително ќе ги поттикнат децата на поголема одговорност.

Ако ги потроши парите на нешто неважно, не карајте го

Меѓутоа, психолозите сметаат дека џепарлакот не смее да биде компензација за исполнување на обврските и задолженијата, туку средство кое ќе им помогне да научат како да располагаат со одредена сума пари што ја поседуваат. Доколку детето за своите пари купи нешто што не му било потребно, не критикувајте го и не карајте го, туку дозволете му само да учи од своите грешки. Тоа ќе заклучи дека парите не треба да се трошат залудно и дека џепарлакот ќе му потрае само кога со него рационално ќе располага.

Иако џепарлакот не треба да биде награда за добро однесување, неговото ускратување е сосема легитимна казна доколку детето заборава или одбива да ги извршува своите обврски, задачи или задолженија. Слободно намалете му го износот или целосно скратете му го следувањето на некое време за да сфати дека за лошото однесување има последици.

Детето да научи рационално да располага со џепарлакот

Инаку, висината на џепарлакот треба да биде приспособена на возраста на детето затоа што потребите на учениче-прваче не се исти со потребите на еден адолесцент. Кога ќе почнете да му давате џепарлак, на дневно или на неделно ниво, научете го како рационално да располага со него. Објаснете му дека доколку наеднаш го потроши целиот износ, нема да добие дополнителни пари пред договорениот рок.
Веднаш договорете го износот што ќе му го давате секоја недела или месечно и не менувајте го додека не се појави реална потреба за тоа.
Ако веќе сакате да го мотивирате детето дополнително да се вклучи во домашните работи или поефикасно да ги извршува своите задолженија, наградете го на некој поинаков начин, со некаква активност во која ќе ужива целото семејство.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top