Враќањето во училишните клупи, покрај сите трошоци за учениците, ги разбуди и размислувањата на возрасните за тоа дали и колку пари треба да имаат момчињата и девојчињата во својот џеб, секој ден, за некоја своја желба или потреба

Тргнувањето на детето на училиште е важен ден во животот на секое семејство, а покрај купувањето книги и гардероба, родителите треба да издвојат и симболичен џепарлак за својот ученик. Иако неговата висина секогаш зависи од семејниот буџет, повеќето родители имаат дилема кога е вистинското време за џепарлак, кои потреби треба тој да ги покрива и дали сумата на џепарлакот треба да зависи од успехот на училиште.

– Детето би требало да добива џепарлак во согласност со возраста и финансиските можности на семејството, но не од прво одделение. Првачињата, едноставно кажано, не се обучени да работат со пари зашто не знаат каде да ги чуваат, а често не знаат да собираат и одземаат, па не знаат ни дали продавачот им вратил кусур или им побарал повеќе пари за некој производ. Сосема малите деца често губат работи, па се случува да собираме банкноти по училниците и ходниците, заедно со пенкала, гуми и друг школски прибор. Значи, пред сè, детето треба да научи дека парите стојат во паричник, паричникот во посебна преграда во ранецот, а дури кога родителот ќе заклучи дека детето ги совладало основните математички операции, нека му даде џепарлак – советува школскиот психолог Бранка Тишма.

Таа истакнува дека сумата што ја добива детето како џепарлак треба да биде фиксна – за една недела или за цел месец, но доколку целиот месечен џепарлак го потроши во првата недела, мора да знае дека нема да добие ништо до крајот на месецот. Затоа, според Тишма, подобра идеја е на помалите деца да им се даваат пари дневно или неделно, додека не го совладаат концептот дека месецот трае 30 или 31 ден. И уште нешто – подобро е да не им се даваат големи банкноти.

На прашањето за што се даваат парите, овој психолог вели дека џепарлакот не треба да служи за ужина, туку за купување ситници што нив ги прават среќни, на пр., пенкала, сликички, шноли, карти за кино или за влез на базен. Поради тоа и сумата што се дава за џепарлак треба да биде симболична – во пониските одделенија не повеќе од 100 денари, а во повисоките околу 250 денари неделно, смета нашиот соговорник.

– Висината на џепарлакот треба да зависи и од финансискиот статус на семејството – родителите не треба да се одрекнуваат од важните работи за да му дадат на детето нереално висок џепарлак, но минималниот износ може да доведе до тоа детето да се почувствува исклучено од врсничката група.
– Никогаш не треба да се казнува или наградува детето со пари за добар или лош успех во училиште – џепарлакот не би требало да зависи од единиците или петките во дневникот, баш како што е бесмислено да се испише детето од спорт поради лош успех во училиште. Исто така, детето не треба да биде наградувано со пари за извршување на домашните обврски зашто заедничкото спремање на домот е само уште една цигла во темелот при изградбата на семејна слога – заклучува Тишма.

Автор: Катарина Џорџевиќ



912

X