Според големо истражување за родови стереотипи, девојчињата почесто од момчињата чувствуваат дека нивниот училиштен неуспех е резултат на недостиг на талент. Парадоксално, идејата дека мажите се побрилијантни беше најмногу вкоренета во земјите за кои се смета дека ги обележува еднаквоста. Ваквите стереотипи беа истражени и во минатото, но новиот труд, објавен во списанието „Сајнс адвансес“, вклучува 500.000 студенти низ светот, што овозможува споредби меѓу земјите.
Истражувачите користеле податоци од Меѓународната програма за оценување на учениците (ПИСА) за 2018 година, студија која се спроведува на секои три години за да се дознае повеќе за знаењата и вештините на 15-годишните ученици во математиката, читањето и природните науки. Истражувањето ја вклучи реченицата „Кога не успевам, се плашам дека можеби немам доволно талент.“
Резултатот: во 71 од 72 испитувани земји, дури и кога училишниот успех беше еднаков, девојчињата почесто ги припишуваат своите неуспеси на недостиг на талент отколку момчињата, кои почесто ги обвинуваат надворешните фактори. Единствен исклучок беше Саудиска Арабија.
Спротивно на она што може да се очекува, разликите беа најизразени кај богатите нации. Во богатите земји на ОЕЦД, 61 отсто од девојчињата рекле дека се согласуваат, во споредба со 47 отсто од момчињата – разлика од 14 отсто. Во земјите што не се членки на ОЕЦД, јазот сè уште беше присутен, но беше само 8 отсто. Разликата беше поголема и кај учениците со подобри резултати во споредба со оние со просечен успех.
– Немаме совршено објаснување за овој парадокс – изјави коавторот на истражувањето, Томас Бреда, од Париската школа за економија.
Во општествата што не му придаваат толку голема важност на талентот има помалку простор за примена на стереотипите
Една хипотеза е дека земјите со повеќе слобода на крајот оставаат повеќе простор за поединците да се вратат на старите стереотипи. Овие земји се, исто така, многу фокусирани на индивидуалниот успех и затоа му даваат поголемо значење на самиот концепт на талент. Во општествата што не му придаваат толку голема важност на талентот луѓето имаат помалку простор да применуваат стереотипи.
Истражувачите покажаа дека постои силна корелација помеѓу идејата дека сте помалку талентирани и три други индикатори кои се проучуваат како дел од студијата ПИСА. Колку повеќе девојките веруваат дека се помалку талентирани во споредба со момчињата, толку помалку се самоуверени, толку помалку уживаат во конкуренцијата и помалку сакаат да работат во професии во кои доминираат мажи, како што се информатичката и комуникациската технологија. Овие три индикатори често се наведуваат како фактори кои можат да придонесат за невидливи бариери кои им го отежнуваат пристапот на жените до највисоките позиции.
Севкупниот резултат е дека невидливите бариери веројатно нема да исчезнат додека земјите еволуираат или стануваат породово егалитарни – велат авторите.
Тие предлагаат решение: Престанете да размислувате во смисла на вроден талент – вели Бреда.
– Успехот доаѓа преку учење, преку обиди и грешки. Ако го деконструираме концептот на чист талент, ќе ја деконструираме и идејата дека девојчињата се помалку надарени со талент од момчињата – вели тој.
912