Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 7 години. Грицка нокти и не знам како да ѝ помогнеме да се одвикне. Разговаравме, ја опоменуваме, се караме… не успева ништо.
Прашува: Игор
ОДГОВОР: Почитуван Игор, малку информации имам за состојбата на грицкање нокти на вашата ќерка, на пр., кога започнало грицкањето, кога најчесто ги грицка ноктите, дали има некој настан од развојна природа – (на пример одење на училиште, некој настан во училиштето, конфликт со соученици, исмејување, и сл.) или некој настан дома (некоја промена во семејството, каде што постои поизразена вознемиреност). Она што прво треба да го направите е да опсервирате кога го прави тоа, потоа треба да разговарате со неа зошто смета дека го прави тоа, или која е нејзината причина за грицкањето и како се чувствува кога ги грицка ноктите? Грицкањето нокти е ретрофлексивно однесување (пренасочено однесување кон себе – она што не можам или не се осудувам да им го направам на другите си го правам на себе), кое преку репетитивноста знае да го смири детето (можете да забележите одредена репетитивност?), поврзано е со оралната шуплина и соодветно со одредена вербална агресија која доколку не може да се изрази кон надвор, се враќа кон себе. Така што, треба да проверите со вашето девојче дали има доволно простор да ги изрази нејзиното несогласување и револт, а притоа да ѝ покажете разбирање за нејзиното изразување. Обидете се да ѝ го уважите мислењето и да ѝ помогнете да ги именува емоциите што ги чувствува, можеби е лутина, за која смета дека е несоодветно да ја изрази. Еве сега имате информација плус за можни причини, па оставам да проверите со вашата ќерка што стои во заднина на нејзиното ретрофлексивно (кон себе) однесување.
Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 070734512
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912