Неопходно е да ги научиме децата да бидат толерантни кон различните од себе. Тоа претставува комплексна задача ако знаеме дека за стереотипите и предрасудите учат по модел. Некои истражувања потврдуваат дека децата за овие поими учат од возрасните, дури и на невербално ниво, од говорот на телото и гестикулацијата, кои подоцна ги идентификуваат како свои

Одењето на училиште не е само процес во кој децата учат за светот и за животот, ами тоа се години кога тие всушност учат многу и за социјализацијата и за разликите. Токму предрасудите и стереотипите имаат моќ најмногу да се развијат кога децата запознаваат нови другарчиња. Овде на сцена стапуваат родителите, но и училиштата и наставниците.
Уште на првиот училиштен ден ќе слушнете коментари за девојче кое носи кратка коса, од типот – зошто носи фустан, а е машко? Или обратни коментари за мало момче со долга коса. Како ги храниме предрасудите? Или, како реагираме на некое детенце со попреченост?
Поразговаравме со психологот Елена Милошевска, која работи во ОУ „Гоце Делчев“ во Битола.

– Од исклучителна важност е да се развива и негува емпатијата за да спречиме да се создадат предрасуди и стереотипи. Емпатијата, исто така, е клучен фактор во намалувањето на агресијата. Кога ја развиваме способноста да го гледаме светот од перспектива на другиот и да ги разбираме состојбите на другите луѓе, се зголемува веројатноста дека нашето срце ќе се отвори кон другиот, а со тоа е невозможно да се чувствуваат предрасуди и негативни емоции – вели Милошевска.

„Ако одиш кај психолог, нешто не е во ред со тебе“

Предрасудите претставуваат сеприсутна појава, во сите општества на светот. Од сите облици на размислување, предрасудите се меѓу најзастапените, а воедно и најопасните видови, а мета на предрасудите може да биде секој, вели нашата соговорничка.
– Сите ние сме потенцијални жртви на стереотипите и дискриминацијата само затоа што ѝ припаѓаме на одредена група. Без оглед дали се работи за етничка припадност, религија, пол, национална припадност, индивидуалност или нешто друго. Американскиот психолог Елиот Аронсон ги дефинира предрасудите како непријателски или негативни ставови кон припадниците на одредена група, а тој став постои само поради припадноста на индивидуата кон одредена група. Никогаш не е доцна да се откажеме од сопствените предрасуди, вели филозофот Хенри Дејвид Торо – потсетува психологот.
Кај децата и кај возрасните многу често се раѓаат предрасуди поради надворешниот изглед или, пак, некој физички недостаток – од прекумерна телесна тежина до физички инвалидитет или одреден синдром.
– Дури и одредена професија или хоби може да биде темел за создавање предрасуди. На пример: „Ако одиш кај психолог, нешто не е во ред со тебе“. Со оглед на тоа што сите ние ѝ припаѓаме на одредена група, никој од нас не е поштеден од влијанието на предрасудите. Тие се многу распространети и често можат да имаат штетни последици. Негативниот однос кон одредена група може да биде интензивен до таа мера, што преминува во немилосрдност, екстремна омраза, тортура, па и до физички напад – нагласува Милошевска.

Елена Милошевска, психолог

Никој не вели дека е лесна борбата против предрасудите, ама таа секогаш мора да постои. Тоа е една од основите за здраво и напредно општество.
– Неопходно е да ги научиме децата да бидат толерантни кон разликите на другите. Тоа претставува комплексна задача ако знаеме дека децата учат за стереотипите и предрасудите по модел. Некои истражувања потврдуваат дека децата за овие поими учат од возрасните, дури и на невербално ниво, од говорот на телото и гестикулацијата, кои подоцна ги идентификуваат како свои. Постојат повеќе видови фактори што влијаат врз појавата и ширењето на стереотипите и предрасудите, но сите тие можат да се групираат во две групи фактори, и тоа општествено-економски и психолошки фактори – вели психологот.

Разбивање на родовите стереотипи

Често се сметало дека децата на мала возраст не се подложни на стереотипи и предрасуди, дека не им обрнуваат внимание на разликите и ги прифаќаат другите независно од полот, возраста, религиската или националната припадност. Сепак, последните истражувања од оваа тема покажуваат дека децата дури на три години имаат афинитет кон интеракција со лица од истиот пол.
– Во периодот на 90-тите години интензивно се работеше на истражување на полето на стереотипите, предрасудите и дискриминацијата. Утврдено е дека децата ги учат стереотипите и предрасудите впивајќи го искуството од средината и усвојувајќи го однесувањето на најблиските. Децата често го присвојуваат како свое однесувањето на јунаците од цртаните филмови или важните ликови од средината. До неодамна родовите улоги во цртаните филмови беа строго дефинирани: принцези кои се убави, нежни, пристојни и принцови кои трагаат по авантура, храбри се и силни. Но, и покрај тоа, голем дел од девојките од таа генерација израснаа во независни, силни и способни да се изборат за своите потреби. Причината за тоа се родителите како најзначаен модел за учење. Родителите претставуваат пример со кој децата, поради емоционалната врска, најбрзо и најлесно се поистоветуваат – вели Милошевска и додава дека доколку родителите се ослободени од предрасуди и на своите деца им презентираат независност, толеранција кон различностите и прифаќање, веројатноста дека тие деца ќе израснат во личности со помалку предрасуди и стереотипи е голема.
– Со поттикнување и развивање на свесноста за стереотипите и предрасудите доаѓа до нивно намалување од најрана возраст. Користејќи ги овие податоци, компаниите како „Дизни“ продуцираат филмови во кои акцентот е ставен кон разбивање на родовите стереотипи. Последни примери за тоа се „Фрозен“ и „Храбрата Мерида“, кои се апсолутен хит кај децата – објаснува психологот.
Развивањето на емоционалната интелигенција и негувањето на емпатијата се од круцијално значење за намалување на стереотипите и предрасудите, па и во превенција на дискриминација.

Ајнштајн: „Полесно е да разбиеме атом отколку предрасуди“

Причините за појава на предрасудите се разновидни. Еволуциските психолози тврдат дека животните имаат изразена тенденција да имаат подобар однос кон генски слични животни на нив, а истовремено да изразуваат страв и презир кон генски различните животни.
– Поаѓајќи од ова, може да се заклучи дека предрасудите се составен дел од нашиот биолошки механизам за преживување. Од друга страна, луѓето од повеќе аспекти се разликуваат од животните и по природа се љубопитни. Па така, предрасудите би биле неприродна појава, поттикната од културата која нѐ учи да им препишуваме негативни карактеристики на луѓето што се различни од нас. Според некои истражувачи, постојат четири фактори што влијаат врз појавата и негувањето на предрасудите и дискриминацијата, и тоа: начинот на кој размислуваме, начинот на кој припишуваме значење, начинот на кој ги распределуваме ресурсите и начинот на кој се конформираме – објаснува таа.
„Живееме во општество каде што е полесно да разбиеме атом отколку да ги разбиеме предрасудите“, Алберт Ајнштајн.

 



912

X