Сè почнува во најраното детство. Младите родители се бомбардирани со информации дека уште од најрана возраст треба постојано да го стимулираат детето бидејќи така тоа ќе порасне во суперинтелигентно и паметно. Се создава впечаток дека постои краток временски период во раното детство кога со сите сили треба да се дејствува врз мозокот на детето, инаку тоа подоцна нема да постигне добри академски резултати.
Слободното време на децата е скратено
За малите бебиња постојат илјадници работи – од музика што ќе ги направи паметни, играчки за развој на мозокот, спортски активности, училишта за странски јазици. Добар пример е лудилото околу ефектот на Моцарт – накратко уште додека е во стомакот, на бебето му се пушта Моцарт за тоа да биде суперинтелигентно. Но вистината е дека овој ефект нема научна поткрепа. Оригиналната статија на која се базира целата приказна е објавена во магазинот „Природа“ во 1993 година, а авторката Френсис Раушер го спровела истражувањето врз 36 студенти, а не бебиња. Но без оглед на тоа што станува збор за мит, индустријата ја искористи можноста и денес масовно продава цедиња со музика за бебиња. И така приказната продолжува додека децата растат. Родителите лесно се придобиваат со приказната дека одредена активност или направа ги подобрува вештините на нивните деца. Со текот на времето сè почнува да изгледа како трка.
Каде во меѓувреме исчезна детската игра на отворено? Речиси исчезна. Количината на слободно време на децата се намали за 7 часа неделно од 1981 до 1997 година и уште два часа неделно од 1997 до 2003 година. Неструктурираните активности на отворено се намалија за 50 отсто. На децата им е одземена можноста да бидат деца, да си играат и самостојно да истражуваат, а тоа резултира со многубројни последици.
Интересен е фактот што го забележал научникот Лоув – дека епидемијата на дебелина кај децата се совпаѓа со најголемиот пораст на организиран детски спорт. Спортските програми очигледно не се доволни. Во текот на изминатите 30 години дебелината кај децата речиси тројно се зголеми. Постојат многу физички и ментални последици кои се помалку или повеќе поврзани со академскиот притисок врз децата уште од рана возраст – на децата им се одзема можноста да играат и да истражуваат во природната средина и премногу користат технологија. Кристин Грос-Ло во својата книга „Родителство без граници“ одлично ја опишува важноста на неструктурираната игра. Таа вели дека слободната игра во природа е незаменлив поттикнувач на когнитивниот развој. Со измислување на сопствените игри и правила, како и меѓусебната интеракција, особено се влијае врз самоконтролата – една од клучните карактеристики на академскиот успех. Денешното петгодишно дете има самоконтрола како тригодишно дете од 1940 година.
За новите генерации, природата е повеќе апстракција отколку реалност
Слободната игра може да изгледа како детето да не прави ништо значајно, како да не постигнува ништо што е мерливо или што резултира со одреден успех, но во овој процес се случуваат доста комплексни активности бидејќи природата содржи елементи (играчки) со недефинирани делови, има „отворени“ краеви кои детето може да ги користи на многу начини и да ги комбинира со други недефинирани делови со помош на имагинацијата и креативноста. Типични примери на овие елементи се вода, дрво, цвеќе, трева, кал. Може да се напише есеј за тоа што детето може да научи од играњето со кал; може да распознава текстури со користење на додатоците на природата, обележја во однос на текстурата, итн.
Голем број истражувања потврдуваат дека престојувањето во природа е важно за физичкото и емоционалното здравје на децата, а може и да ги намали симптомите на хиперактивноста и АДХД, да ги подобри когнитивните функции и да ја зголеми отпорноста на негативниот стрес и депресијата. Во 2,5 милиони години човечка историја, децата играат на отворено, во природа. За новите генерации, природата е повеќе апстракција отколку реалност. Не е логично да им се скрати играта во природа, како што е случајот во последните неколку децении.
Денес скапо се плаќаат стручно водените програми за деца кои најчесто се во затворен простор, а од друга страна родителите ретко ги носат децата во природа – што е целосно бесплатно и покорисно од која било спортска програма. Всушност, најголема предност на непланираната забава во природа е тоа што не чини ништо. Недостаток е што нема поголем економски интерес во тоа, па затоа нема промовирање и рекламирање. Ако децата возат велосипед, не трошат фосилно гориво.
Се чини дека развиениот свет го зафати епидемија на претерано родителство, или како што д-р Хаим Гинот во 1969 го нарекол – „хеликоптер-родители“. Не постои врска помеѓу активностите иницирани од родителите со целта да се подготви детето за идниот академски успех и реалните академски постигнувања. Напротив, жарот со кој родителите сакаат да го подготват своето дете за академската иднина може да има негативно влијание.
Сето ова упатува на заклучокот дека е бесмислено и потенцијално штетно да се обиде да се забрза динамиката на развојот на децата – детството е едно и не треба да му се одземе на детето и да се менува со содржини кои од родителска перспектива се покорисни од обичната игра.