Децата во малите места имаат слобода, сигурност и самостојност. Може да играат на улица без некој да мора да стои до нив. Играат криенка, фудбал, возат велосипеди, тротинети, ролери, берат од црешата на комшијата… Особено преку лето. Децата во малите места сѐ уште знаат која цреша е највкусна, која најрано зрее, иако да речеме е на другиот крај на Пехчево, вели Магдалена

Детството во помалите градови и места во споредба со она во големите градови е различно како децата да не се на иста планета. Помалите места немаа игротеки на секој чекор, немаат неколку кина и театри, лизгалишта, базени, курсеви по сѐ и сешто, спа-центри за деца, фризерници за деца, планетариум, зоолошка градина, дино-парк, адреналински парк, книжевни креативни работилници, разни фестивали за деца…

Но имаат нешто што можеби вреди повеќе од сето ова – имаат слобода.

Помалите места се како едно големо семејство. Како едно големо игралиште за деца. Сите се знаат меѓу себе и се пријатели. Игрите се безгранични, едноставни, децата се безбедни. Играат сами, сами одат на училиште, сами одат кај другарчињата. Ноќите им се тивки, ливадите позелени, воздухот попроѕирен, ѕвездите посјајни, животот бавен, смирен, безгрижен. А, сепак, играат на плејстејшн, имаат интернет, супер ракуваат со таблети, компјутери и кога имаат можност и желба, родителите ги носат на дополнителна забава во поголемите градови, на кино, театар, фестивал, зоолошка…
Разговаравме со неколку родители и наставници кои ни споделија дел од сликата на детството во помалите места.

Слобода, сигурност и самостојност

– Кога на маж ми му кажав: „Ми се јави новинарка и прашува за животот на децата во малите места. Дај некоја идеја!“, тој ми рече: „Кажи дека до пет години внимаваме на нив, а потоа не знаеме каде се. Затоа што си шетаат слободно.“ Мислам дека сè уште децата во помалите места се оддалечени од оние девијантни работи што ги има во големите урбани средини. Децата во малите места имаат слобода, сигурност и самостојност. Може да играат на улица без некој да мора да стои до нив. Играат криенка, топка, возат велосипеди, тротинети, ролери, берат од црешата на комшијата… Особено преку лето. Децата во малите места сѐ уште знаат која цреша е највкусна, која најрано зрее, иако да речеме е на другиот крај на Пехчево. Во малите места сите се знаат, па не е проблем комшивката да ги причува. Кај нас конкретно за 5 минути си во шума и можеш да шеташ, да собираш печурки, да собираш диви јаготки и капинки, да собираш јаглики и шишарки, да видиш верверичка, зајаче, лисица, еж, желка додека шеташ. Истите тие животни може да ги видиш и во двор. Она што природата го дава ни е на дофат – ни сподели Магдалена од Пехчево, наставничка во основно училиште.

Често се случува кога преку лето доаѓаат иселеници, децата да не сакаат да се вратат во Германија, Англија или Америка.

– И нашите деца имаат мобилни, интернет, плејстејшн, таблети, компјутери и играат игри што ги играат нивните врсници од големите градови. Можеби ни фалат театри, изложби, фестивали, нема игротеки и толку можности како во големите градови, ама пак затоа тука се училиштето, градската библиотека и домот на културата да надополнат колку што можат. Децата учествуваат на конкурси, на настани организирани од библиотеката и домот, одиме на екскурзии, правиме проекти… значи сепак се трудиме да бидат колку-толку во тек. Децата во помалите деца сѐ уште можат да бидат деца. Сами одат на школо, сами се враќаат. Сите имаме дворови и градини (патлиџани, пиперки, сливи, компири, јаболка, круши имаме во дворовите). Ловиме светулки, набљудуваме ѕвезди, имаме убави пејзажи, собираме качунки, камчиња… децата остануваат надвор до доцна, си одат на гости… на пример: „Бабо, јас сум кај Иван“ и толку. Ливадата зад куќата на моите родители вреди повеќе од десет игротеки во Скопје – дополнува Магдалена.

Помалку возење, повеќе време за игра

Секојдневието им пикник, шетање во шума, барање скриени богатства, летање змејови.

– Кај средношколците има бунтовност и знаат да кажат дека едвај чекаат да излезат од Пехчево. Можеби еден ден ќе сфатат кој благодат го имале да живеат во мало место, а можеби и никогаш. Штета е што младите си одат (претежно во Германија, Словенија, Англија, Швајцарија). Животот не е толку лош, ама сиромаштијата си го прави своето.

Јас можеби го идеализирам животот во мало место, но со внуците, децата на соседите и пријателите навистина го живееме ова. Преку лето знае да се случи да се приберат дури за јадење, ако не ги викнеш, нема да им текне, и кога ќе се приберат, целите се извалкани. Баш деца – дополнува Магдалена.

Според Христина од Пробиштип, мајка на Алек и Адријано, секое место, дали е мало или големо, си има свои предности и слабости.

– Според мене, предност на малото место е што сѐ ни е во близина, дали парк, плоштад, излетнички места, школи, градинки. Поради таа близина, помалку време е потребно да стасаме до тоа место, а повеќе време има за игра. Речиси сите се знаеме, па секогаш ќе најдеме друштво иако сме излегле сами. А и од безбедносен аспект немаме проблем. Активности секогаш може да се најдат ако е убаво времето. Малку е проблем кога врне или е ладно и временските услови не дозволуваат игра надвор. Тогаш сме со ограничени можности, немаме некое место посебно каде што би се изиграле децата бидејќи игротеките се само за родендени, а не и за дневно играње. За кино и театар се надеваме дека во скоро време ќе биде отворено, па тоа е уште еден плус за градот и за нас. Сепак, јас сум за живот во помало место, за посмирен живот, а кога дозволуваат можностите, и да се посетат поголемите градови и да се надополни барем на еден ден тоа што ни недостига. И ние како родители сме порелаксирани, не мораме секогаш да бидеме со децата кога си играат, а со тоа и тие стануваат посамостојни и поодговорни – ни споделува Христина.

Секако, животот на децата во помалите градови си има свои предности, но и недостатоци.

– Детството во помалите места е поразлично отколку во големите градови во однос на времето поминато во дворовите, по улиците и парковите. Животот во куќа и во стан не е ист. А тоа особено влијае врз децата при нивниот раст и развој од најрана возраст. Играта во двор и на улица во помал град не може да се спореди со густиот сообраќај и небезбедната средина во големите градови. Тоа се некои предности во однос на животот во помал град. Во недостатоци ги ставам можноста за посета на кино, театар, претстави. Можноста да се развиваат во дополнителни образовни или спортски активности, на пример – пливање. Сметам дека помалите градови се запоставени од аспект на инвестирање во квалитетен начин на живот на децата. Но, сепак, предноста е што тие дечиња живеат детство кое е поспокојно. Живеат, растат и се хранат во средина која е поздрава и побезбедна – ни сподели Сандра од Делчево, мајка на Нела.



912

X