Најголем дел од Македонците ги прославуваат родендените на децата во игротеки, на еден детски роденден најчесто има повеќе од 20 гости, за торта се трошат од 2.000 до 3.000 денари и еден детски роденден чини во просек од 20 до 30 илјади денари, а често и многу повеќе. Ова го покажа анкетата на Деца.мк, која ја одговорија речиси 500 испитаници.

Најголем дел од испитаниците (66%) одговориле дека родендените на децата ги слават во игротеки, 19,7 отсто слават дома, 18,2 отсто во ресторани, 5 отсто во парк, а родителите велат дека славеле и во кино, во планетариум, зоолошка, кугларница и така натаму, но нивниот број е помал.

Ретки се оние што ги слават родендените на децата со помалку гости. Најголем дел од нашите испитаници одговорија дека на родендените имаат повеќе од 20 гости. Имено, бројот на гости што им доаѓаат на роденден само кај 3,7 отсто од испитаниците е до 10 лица. Од 10 до 20 гости имаат 20,3 отсто од испитаниците, од 20 до 30 гости имаат 42,9 отсто, додека над 30 гости имаат 33,1 отсто.

За торта се трошат до 3 илјади денари

За најважното нешто на роденденот, тортата, родителите очигледно не штедат, па најголем дел од нив во просек за тортата даваат по 2 до 3 илјади денари. Имено, 46,3 отсто од испитаниците рекле дека тоа е просечната сума што ја плаќаат за слаткото задоволство. 27,1 отсто даваат и повеќе од 3.000 денари за роденденската торта на детето, а 23,6 отсто одговориле дека во просек тортата ги чини од илјада до две илјади денари. Евтина торта очигледно е многу тешко да се најде, со оглед на тоа што само 3 отсто од испитаниците одговориле дека тортата во просек ги чини до илјада денари.

Во однос на плаќањето за фотографи, украсувања, слатки маси и слично, една третина од родителите што ја одговорија нашата анкета истакнаа дека не даваат пари за тоа, додека останатите го поднесуваат и тој трошок. А сумите што се наведени варираат од илјада до две илјади денари, што обично е проследено и со личен ангажман за украсување, па до повеќе од 10.000 денари, со ангажирање кетеринг, аниматори, фотографи и слично. Најчестите суми што ги споменуваат испитаниците варираат од 3 до 6 илјади денари.

– Не плаќам затоа што е многу скапо. За фотограф ми побараа 6.000 ден. Плус 2.000 денари за подалечните места, како што е Драчево. Сами со телефони се организиравме за фотографии и снимање. За украсување ми побараа 6.000 денари за венец од балони, самата си направив украс сличен на венец, ме чинеше околу 1.200 денари само за балоните. Исто и за слатка маса, за 10 деца ми бараа околу 6.000 денари, јас си направив колачиња и ме чинеше околу 1.000 денари – ни напиша една читателка.

Нема веќе моливче и тетратка како подарок

Сепак, кога ќе се соберат сите трошоци, еден детски роденден за многумина може да значи луксуз. Имено, од огромниот број одговори на анкетата, ретко некој одговор на ова прашање да беше со сума под 10.000 денари. Такви одговори обично имаа наведено испитаници кои истакнале дека слават дома или во парк и не трошат за украсувања, или испитаници од градовите од внатрешноста кои слават во игротека. Останатите не штедат на родендените на децата, па за еден роденден се трошат од 15 до 40 илјади денари, но некои родители трошат и над илјада евра, а се слави и во ресторани со многу гости, покажа нашата анкета.

Македонците не се штедливи и кога станува збор за подароците, па кога одат на детски роденден 44,2 отсто од нашите испитаници одговориле дека за подарокот просечно трошат од 600 до 1.000 денари. 27,7 проценти одговориле дека трошат и повеќе од илјада денари, додека 24 отсто за тоа издвојуваат од 300 до 600 денари. Само 4,1 отсто поминуваат со скромен подарок кој чини до 300 денари.

Свадбарски концепт

На крај, на прашањето дали премногу се троши за детските родендени, добивме едногласно да. Некои од испитаниците сметаат дека не ни може да се заштеди затоа што сè е поскапено, додека други велат дека родителите се натпреваруваат и сè се прави за да има што да се покаже на социјалните мрежи.

-Да се симнеме на земја. Да се купуваат симболични подароци, играчки на кои децата ќе се радуваат, а не скапа гардероба и обувки. Да се прават скромни родендени со грицки за децата и некоја пијачка за возрасните, наместо шведски маси и похувани даски. Парите се фрлаат за 2 часа  во игротека – пишува еден испитаник.

-Сè е толку поскапено што нема шанси да се помине евтино. Дополнително китења, фотографи, изнајмување игротеки… значително ги зголемува трошоците – наведува друг.

-Возрасните/родителите го прават трошокот на детските родендени. Најмногу се троши на алкохолни пијалаци и храна. Децата не се голем трошок – смета наш читател.

Голем дел од нашите испитаници порачаа дека родителите треба да бидат поскромни и да се фокусираат на креативно и едукативно славење на родендените на децата. Велат дека сите деца сакаат родендени како оние на другарчињата, а не секој може да си дозволи скапа прослава. Некои од испитаниците сметаат и дека детските родендени добиле свадбарски концепт.

-Треба да се промени и да не се прават свадби по ресторани, туку родендени во парк, двор и сл. Тоа е за детето, а не за родителите – посочува еден читател.

-Се троши многу. Сега детски родендени се слават за возрасните, не за децата. Повеќе родители има отколку деца. Треба родендените да се скромни и да се гледа на децата да им е забавно, а не што сакаат родителите и колку повеќе да се покажат пред гостите дека имаат и можат да си дозволат – пишува еден испитаник.

-Премногу се троши, треба родендените да бидат поскромни како што беше во минатото кога роденден се славеше дома или во двор со парче торта, смоки или некои други грицки, чаша сок, а за подарок се даваше тетратка и молив или рамка за слика и децата беа пресреќни. Сега родендените се прават за да се покаже финансиската моќ на родителите, цели фешти само за возрасните, кои на децата апсолутно ништо не им значат. Апел до сите родители: Научете ги своите деца на скромност и на правилни вредности! Не е сè во пребогатите родендени кои секој сака да му ги овозможи на своето дете за да не се почувствува помалку од другите, но не секој може да си ги дозволи. На децата доволно им е молив за да бидат среќни, малите нешта ги прават среќни, не мора да ги расипувате тие мали и невини душички – напиша еден читател.

-Премногу се троши, а упорно сите се жалат дека е „немаштија“ и „скапотија“. Во врска со тоа што би требало да се смени, има многу да се пишува, но пред сè би рекла дека мајките треба да си ги намалат комплексите. Дефинитивно децата најмногу се радуваат на дувањето на свеќата и на присуството на другарчињата, а не на фотографот или цвеќарките. Треба да размислиме дали родендените ги правиме за нив или за ние да се рекламираме на „Инстаграм“ – порача една читателка.



912

X