И покрај тоа што стапи во сила протоколот по кој сместувачките капацитети можат да работат и да примаат гости, оваа мерка не им значи многу на детските одморалишта. Засега нивните резервации се откажани, а сезоната е прогласена за пропадната

Детските одморалишта летнава сезона по сè изгледа ќе ја поминат без деца. Пандемијата им нанесе силен удар. Останаа празни, без никакви најави за деца, со откажани резервации и целосно пропадната сезона. Оттаму велат дека се без финансиска помош, оставени сами да се справат со загубите.

Некои се надеваат дека можеби во август ситуацијата ќе се подобри, некои откако образовните институции ќе почнат со работа, а некои се надеваат на зимска сезона. Секако, доколку се подобри состојбата. Деновиве се во неизвесност, работат од ден за ден, со празни капацитети.

Постои интерес, ама бројките на заболените не дозволуваат летување

Детското одморалиште „Радости“ во Охрид ги почна активностите за подготовка на сезоната за 2020 година во рамките на редовните активности како и секоја година, односно во месеците јануари/февруари кога сè уште не се знаеше за потенцијалната закана од Kовид-19, или поточно малку се знаеше.

– Направивме и инвестиции за подобрување на условите за да бидеме целосно спремни за учениците што доаѓаат на екскурзии или на настава во природа. За жал, кога коронавирусот почна да зема замав и кога училиштата се затворија, стануваше јасно дека претстојната сезона нема да биде стандардна. Наставата во природа и екскурзиите беа откажани од страна на туристичките агенции, а започнатите инвестиции моравме да ги завршиме докрај, со што ги направивме планираните расходи, а за приходите постои неизвесност која е поврзана со успешноста на сезоната – вели Игор Поповски, управител на одморалиштето.

Како што вели, кај децата постои голем интерес за летување.

– Цело време сме во контакт со родители, со водичите на групи и со туристичките агенции, но засега сè уште нема целосна слика како ќе се изведува летувањето. За жал, бројот на заразени од вирусот се искачи на највисоко место по број на жители во регионот, податоци што никако не одат во прилог на одморалиштата и на сместувачките капацитети воопшто. Ваучерите ќе можат да се користат дури од 15 јули, што веќе е половина помината сезона во Охрид. Секојдневно во медиумите се објавува за бројот на заразени во цела држава, со посебен акцент на Охрид, со што дополнително се шири паника меѓу потенцијалните посетители и наша претпоставка е дека ова не само што ќе биде најслаба сезона, туку сите оние што требаше да го амортизираат тој удар, потфрлија – додава Поповски.

Одморалиштето располага со капацитет од 150 легла, сопствена кујна и ресторан, па така е директно поврзано со препораките што доаѓаат од Комисијата за заразни болести и Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Наше е да ги следиме препораките и да се надеваме на скоро надминување на оваа состојба – објаснува Поповски.

И следната сезона е во неизвесност

Слична е ситуацијата и во одморалиштето „Михајлово“, сместено на планината Кожув. Љупчо Глигоров, раководител на „Михајлово“, вели дека немаат никакви најави за деца, иако се во контакт со наставниците и училиштата кои претпочитаат летната сезона да го посетат одморалиштето.

– Во контакт сме со некои наставници и училишта за посета во август, ама ништо не е сигурно, сè зависи од тоа како ќе се одвива состојбата, каков ќе биде бројот на заболените. Голема е бројката на заразени, тоа не ни оди во прилог, никој не се чувствува безбеден. Така што отворени сме, ама работиме ден за ден, немаме никакви најави за групи. Вториот бран ја уништи сезоната. Можам да кажам дека сезоната е пропадната. Наставата во природа се одложи, екскурзиите исто така, комплетно ја изгубивме сезонава. Ние сме среќни и само август да го фатиме. Сега останува да се надеваме дека ќе ја работиме зимската сезона. Но и тоа не е сигурно – вели Љупчо.

Одморалиштата се тесно поврзани со образовните институции, па тој се надева дека кога ќе почнат училиштата со работа, можеби ситуацијата ќе се смени.

– Нашите резервации со училиштата се знаат половина година однапред, но сега тешко дека ќе се наполнат капацитетите. Иако сме во контакт со некои наставници што редовно нè посетуваат, ништо конкретно не можеме да договориме, и не зависи од наставниците и состојбата, многу голем фактор се родителите, финансиската состојба на семејствата. Така што проблемот е подлабок. Во секој случај, нашиот објект е отворен, и сместувачките капацитети и ресторанот, работиме според препораките од Владата, ги почитуваме мерките, па останува да видиме како ќе се одвива сезоната – додава Глигоров.

Без никаква помош

И во крушевското детско одмаралиште „Шула Мина“, кое сега е ребрендирано во авантуристички камп Бегова корија, резервациите се откажани.
– Немаме никакви најави за деца. Сè што беше закажано е откажано. Секоја година имаме закажано кампови со странски туристи, деца и младинци. Резервациите ни беа направени уште минатата година, но сега, поради состојбата, откажаа. Немаме најава за нови групи. Последна ни откажа унгарската група која беше закажана за август. Мислеа и се надеваа дека сето ова со пандемијата ќе заврши до август. Но, кога слушнале дека во Македонија се зголемува бројот на заболени, ја откажаа резервацијата. Активна резервација немаме. Летово не работиме – нè информираа оттаму.

Велат дека немаат планови за сезонава, многу е рано да се зборува за примање групи и ги разбираат родителите што не се чувствуваат безбедно да ги пуштат децата.

– Финансиски е тешко да се опстои, ама таква е ситуацијата, мора да бараме начин да ја пребродиме ситуацијата. Како одморалиште, немаме никаква помош, мора сами да се снаоѓаме. Иако нашата дејност е најпогодена од кризата, сепак, не ни дозволија да искористиме ниту една мерка. За летнава сезона воопшто не се надеваме, нема ни да нудиме аранжмани, нема потреба. Можеби септември, октомври, ако се подобри состојбата, или евентуално да се фокусираме на зимска сезона – додаваат од „Бегова корија.“



912

X