Детските родендени предизвикуваат постојана дилема. Каде да се слави роденденот и како да се организира за родителот да помине поевтино и со помалку штета/чистење, миење, подготовки? Што им овозможува домашната забава на децата, како им помага во социјализација и развој?

Родителите најчесто се одлучуваат за игротеки, а подоцна за кино или игротеки за постари деца во трговските центри бидејќи тој начин се чини најлесен. Се учествува најмногу финансиски, но без дополнителна организација која би била неопходна ако роденденот се слави дома, плус останува дилемата дали на децата ќе им биде здодевно.

За и против?

Како порано се славеле родендените и дали овој избор е она што најмногу помага во социјализацијата кај децата и поврзувањето бидејќи родендените, на крајот на краиштата, ја имаат таа улога, децата да се поврзат со врсниците во таа никогаш недовршена игра. Игротеката е често првиот предлог затоа што се исклучува можноста за штета во станот, претходно подготвување, чистење. Во игротеките сѐ е приспособено и не постои опасност од повреда и непланирана штета, нема страв дали сѐ ќе помине како што треба, бидејќи таму има добро обучени аниматори кои ќе ги водат децата и ќе го направат роденденот забавен, родителите добиваат време за себе, да се одморат, да си поразговараат…

Киното е, исто така, одлична и сигурна забава. Децата гледаат филм, а потоа некаде одат да јадат – исполнето време и сигурна забава.

Колку навистина останува време за заедничка игра, за запознавање, размена на емоции, заеднички искуства? Што е тоа што ја развива социјализацијата кај децата во таков амбиент? Дали децата се насочени само на себе, со желба што подобро да се забавуваат?

Како порано се славеле родендените?

Собиранките на децата, пред појавата на таблети, телефон и игри, биле насекаде: во парк, на улица – и тоа биле моменти на бескрајна игра, радост, размена на идеи, смеа. Децата морале да бидат креативни за да го добијат вниманието на другите и да остават впечаток. Игрите што бараат постојана вклученост и интеракција со другите деца поттикнуваат важни социјални вештини, способност за водење, делење, набљудување на невербалната комуникација на другите, заклучување, а сето тоа влијае врз развојот на социјалните вештини кои се неопходни за детето да успее во животот, да може да им се наметне на другите, да ги води, а и да ги следи, да поднесе пораз, да му честита на победникот, да победи, да научи да жонглира во тој прекрасен социјален танц во кој секојдневно ќе танцува до крајот на животот.

Игрите и дружењата што се паметат, социјализираат и стимулираат

Игрите што ги учеле децата да се социјализираат се: лист, камен, ножици, музичко столче, шуга, криенка, ластик и слични. Тие, на сите нас добро познати игри, влијаат врз развојот на фината моторика, крупната моторика, мислењето, заклучувањето, предвидувањето и реагирањето во согласност со ситуацијата без негодување, со способност за саморегулација на своите емоции. Тие не бараат кино каде што секој гледа за себе, игротека каде што децата трчаат по својата забава, а потоа ги води и забавува возрасно лице.

Кога децата сами ја организираат забавата и ја осмислуваат играта во која учествуваат, тогаш им се зголемува самодовербата и се потврдуваат себеси секојпат во сосема нови околности, а тоа ги прави возрасни луѓе подготвени за нови предизвици. Не мислам дека игротеките и киното се виновни за тоа што децата помалку се дружат и не умеат да танцуваат во социјалниот танц, туку мислам дека ние како родители мораме да ги пуштиме децата да бидат креативни и од местото каде што се, со она што го имаат – да направат нешто ново и така да научат да ги поместуваат своите граници почитувајќи го и другиот на тој пат. На тој начин тие учат модели на комуникација во различни ситуации, сознаваат многу нешта за себе и добиваат вештини кои ќе им помогнат во животот.

Автор: Оливера Вилимановиќ, мастер дефектолог, логопед



912

X