Одложувањето на одењето на лекар при навестување на првите симптоми на дијабетес кај малите деца го зголемува ризикот од продлабочување на метаболичките нарушувања и создавање потешки случаи на болеста, како дијабетна кетоацидоза.

Кетоацидоза е најтешката акутна компликација од дијабетесот која го загрозува животот на детето и настанува кога симптомите на дијебетесот (зголемена жед, зачестено мокрење, губење на телесната маса) не се препознаваат навреме. Во соседна Србија расте бројот на деца со дијагноза на дијабетес. Процените покажуваат дека растот изнесува до 6 отсто годишно, а според податоците од 2019 година, на околу 1.750 деца им е дијагностициран дијабетес. На глобално ниво, стапката на раст е нешто пониска и изнесува од 3 до 4 отсто, па со овие процени може да се каже дека Србија спаѓа во редот на земји со висока зачестеност на дијабетес кај децата.

Родителите и децата со новооткриен дијабетес често доцна се јавуваат кај лекарите и поради тоа е многу важна нивната едукација, наведуваат експертите и нагласуваат дека повеќе од третина од децата (35 отсто) со воспоставена дијагноза на дијабетес имаат кетоацидоза. Особено загрижува статистиката на деца помали од 5 години, кај кои во повеќе од 48 отсто од случаите децата се примаат во болница во состојба на кетоацидоза. Значаен процент од нив доаѓаат на лекување во тешка состојба. Во ендокринологијата, кетоацидозата се смета за итна состојба. Општата здравствена состојба нагло се влошува и проследена е со симптоми на мачнина, повраќање, болки во стомакот.

Секое дете што многу мокри, пие многу вода, чувствува дека е гладно, а истовремено губи килограми, мора што побрзо да се јави на лекар.

Родители, не чекајте, набљудувајте го своето дете и реагирајте навреме доколку ги забележите овие симптоми на дијабетес.

Оваа болест сѐ повеќе напредува и затоа во овие случаи времето е скапоцено. Важно е раното препознавање на знаците и симптомите, а за да се избегне оваа состојба, потребен е значаен фокус на здравствените работници и родителите. Свеста за оваа состојба треба да биде на далеку повисоко ниво кај сите што поминуваат време со децата и се одговорни за нив, а не само кај родителите. Би било добро за ова да водат сметка и бабите и дедовците, персоналот во градинките и во училиштата, тренерите во спортските клубови и одговорните лица во сите облици на колективни активности што ги посетуваат децата.

Мерењето на нивото на шеќер во крвта денес е многу едноставно и затоа се апелира, пред сѐ, до родителите, но и до оние што се грижат за деца, во случај на симптоми, неодложно да реагираат. Немојте да мислите дека ако детето често мокри – има уринарна инфекција или дека пие вода затоа што е лето и е многу топло надвор. Достапни се ефикасни начини за дијабетесот да се држи под контрола. Без разлика на дијагнозата на болеста во различни фази од животот, на децата со соодветна терапија и редовна контрола може да им се овозможи непречен развој и остварување на личните и животни цели.

Автор: доц. д-р Маја Јешиќ, педијатар ендокринолог

Извор



912

X