Координаторот на Националниот контакт-центар за безбедност на децата на интернет во Србија, Емина Бековиќ, вели дека министерството за информации и телекомуникации како еден од своите приоритети ја постави заштитата на децата и младите на интернет, токму преку тој центар, каде што секој може да пријави дигитално насилство.
– Кога станува збор за врсничко насилство, поопасно е кога е преку интернет. Тоа се сите оние ситуации кога децата си праќаат непримерни пораки, недолична содржина, кога се навредуваат преку социјалните мрежи – изјави Бековиќ.
Според неа, најновото истражување покажува дека кога децата ќе искусат дигитално насилство, првата личност на која ѝ се обраќаат е наставникот.
– Децата избираат да се кријат зад лажен профил бидејќи на тој начин мислат дека можат да останат неоткриени. Интернетот обезбедува мерка за анонимност, но кога ќе се пријави ваков вид насилство, полицијата ќе ја користи IP адресата за да го пронајде уредот од кој започнало насилството – рече Бековиќ.
Правилата на онлајн светот
Таа истакна дека, за жал, родителите последни дознаваат, а една од причините е тоа што децата се плашат дека телефоните ќе им бидат одземени.
– Децата често не се свесни дека сè што објавуваат на интернет, односно на социјалните мрежи, засекогаш останува на интернет. За жал, ни родителите не се свесни за ова – вели координаторот на Националниот контакт центар за безбедност на децата на интернет.
Таа апелира до родителите кога воведуваат дете во светот на интернетот, да го научат на правилата, да му укажат дека сето она што го објавува на социјалните мрежи ќе остане засекогаш и дека во иднина може да му наштети, а мора и да го научат дека не смее да комуницира со непознати лица.
– Децата често разменуваат фотографии со своите најдобри пријатели, но проблемот настанува кога утре ќе се скараат и таа фотографија ќе стане предмет на уцена. Родителите понекогаш несвесно прикачуваат фотографии од своите деца, кои на почетокот се слатки, но следниот ден може да му станат непријатност на детето – вели Бековиќ.
Таа забележува дека децата се дигитално повешти од нивните родители, но немаат дигитална писменост, свест, критичко размислување, познавање на мерките за заштита и не се психолошки доволно зрели да препознаат каков било малициозен софтвер или манипулација.
912