Ништо не му го одзема вниманието на Риши Шив Пи кога пишува компјутерски кодови. Очите на ова петгодишно дете се фиксирани на екранот, а неговите мали прсти танцуваат по тастатурата.
„Ова е играта Флепи Брд“, објаснува седејќи на бирото од мајка си, неговото омилено место во домот.

Играта е веќе готова. Само додава боја за заднината, на која птицата ќе лета преминувајќи ги препреките. Додека Риши се обидува да ја пронајде вистинската команда, мајка му Речешвари Шив раскажува за игрите и анимациите што Риши ги креирал во изминатите 4 месеци. Изгледа дека неговата љубов за програмирањето е огромна.

„Моја омилена игра е онаа каде што ја фрлам топката и играм против компјутерот за да дадам гол“, вели Риши со неверојатна енергија. Неговиот интерес за компјутерите и технологијата ги поттикнал неговите родители да го запишат во компанија во Мумбај која овозможува лекции за компјутерско програмирање за деца. Сега детето секоја недела учи да кодира по околу 3 часа.

Инструкторот на Риши, Анчал Рекхи, е горд на напредокот што го бележи детето. Смета дека децата се навистина креативни, а меѓу нив спаѓа и Риши.

Во денешната дигитална ера повеќето деца учат да кликаат по екраните уште пред да научат да зборуваат или да одат. Паметните телефони и таблетите се нивни дигитални придружници и забавувачи.

Фотоизвор: Reuters/ Alexandre Meneghini

Така што, природно е што многу родители сакаат нивните деца да научат да ги креираат технологиите од кои се на некој начин зависни. Во Индија има низа центри за кодирање и програмирање, во Мумбај, Делхи, Гуруграм, Бенгалуру. Повеќето од нив користат вообичаени алатки и платформи, на пример „Код студио“, „ЛајтБот“, „Ботли“ и слично. Целта е да се негува вештината кај детето за развивање сет од инструкции на јазик кој компјутерот го разбира.

Во моментов во Индија има компјутерска револуција. Децата веднаш ги учат поимите како код, команди, алгоритми. Следната лекција е како да креираат задача за компјутерот преку повеќе команди и алгоритми, што е самата основа на компјутерското програмирање и кодирање.

Креирањето игри и апликации не е единствената причина што децата се поттикнати да се занимаваат со компјутерско програмирање. Во Индија постои голема потреба за дигитална писменост, а за децата со лесен пристап до технологија, кодирањето нуди шанса да ги подобрат когнитивните вештини и да развијат компјутерско размислување.

Децата сега се изложени на технологија уште од раѓање, но подобро е ако моето дете дојде во допир со технологија со критичко сфаќање отколку да биде пасивен корисник – вели родител на 4-годишно дете кое годинава почнало со лекции за кодирање.

Деца на возраст од 8 и 9 години следат курсеви по криптографија. Учат за криптовалути и платформи како „Криптограм“. Нивните инструктори сметаат дека не значи оти секое дете ќе биде софтверски инженер во иднина, но веруваат дека кодирањето и компјутерското размислување ќе им помогнат во усовршување во која било област што ќе ја одберат како професија, со оглед на тоа дека живееме во свет кој е дигитално поврзан.

Во 2017 година технолошка стартап-компанија го лансирала „Кубето“, дрвена играчка-робот која може да биде програмирана од деца од тригодишна возраст. Презентирана била во 300 училишта во Индија кај деца од претшколска возраст. Се работи за кодирано решение без екран што ги учи децата на основите на програмирањето.

И родителите и едукаторите веруваат дека во земја како Индија, каде што образовниот систем има недостиг од иновација, инфраструктура и наставен план, кодирањето е одличен, структуриран начин за да им се претстави на децата логичкото размислување и решавањето на проблемите. Ова, исто така, ги подготвува за пазарот на труд, на кој доминираат податочната наука и компјутерските науки. Фондации од Велика Британија, исто така, започнале со програми во Индија. Идејата е да им помогнат на училиштата и заедниците со ограничени ресурси да создадат работилници за програмирање за деца. Но, има ли проблем за децата на 3 или 4 години да научат да кодираат?

Лата Мадхусудан, директор на градинка во Бенгалуру, која ја промовира идеја за „природна интелигенција“ и „образование без стрес“, верува дека не ни се потребни повеќе машини за да ги учат нашите деца како да се справуваат со животот. Таа вели дека внатрешната перспектива на детето е изградена од неговите интеракции со надворешниот свет.

– Психологијата на детето бара развој на сите моторички вештини. Детето тоа ќе го постигне преку играње и ако го користи своето тело за да добие контрола врз својот систем. Тие се вештините што ќе го развиваат мозокот, а запознавањето со технологијата на рана возраст ќе му ја одземе на детето и ќе му ја компромитира физиологијата – смета Мадхусудан.

Веќе има докази за тврдењето дека технологијата повторно го „испишува“ нашиот ум и го менува нашето тело. Критичарите веруваат дека намалувањето на распонот на вниманието и зголемувањето на проблемите со менталното здравје бараат умно воспитување на децата. Колку и да треба да се адаптираат на светот кој се менува, заслужуваат и шанса да го живеат своето детство, никако поинаку освен како деца.

Мајката на Риши е свесна за потребниот баланс. Таа вели дека на Риши лесно му здосадуваат работите.

– Сака да истражува нови игри и нови работи на компјутерот секојдневно, но јас се обидувам да му овозможам и интеракција со надворешниот свет, а времето кое го поминува пред екранот е 2 часа дневно – вели таа додека го подготвува Риши за излегување надвор, каде што ќе си игра со своите пријатели.

Автор: Парул Агравал, „Кварц Индиа“

 



912

X