Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот постар син сега има 6 години. Тој по природа е многу емотивен и чувствителен, но не е срамежлив и повлечен, напротив, многу е љубопитен и комуникативен. При последното примање на вакцина (кога беше 2,5 години) имавме непријатна сцена. Многу се исплаши од инјекцијата, а по една недела почна да пелтечи. Тоа траеше 7 месеци, но потоа само од себе се изгуби, се повторуваше кога ќе се исплашеше од нешто или кога некој ќе го скараше. Важно е да споделам дека во тие месеци му се роди братче. Самото раѓање на братчето беше стресен период не само затоа што тоа се роди предвреме, во 7. месец, туку и во зима, па цело време бевме затворени дома.

По краткиот престој во болница (2 недели), го донесовме дома бебето. Тоа беше многу мало, но во добра здравствена состојба. Сепак, моравме да воведеме нов ред во секојдневието за да се приспособиме на грижата околу него. Меѓу другото, со две спални во станот во кој живееме, поголемиот син се префрли да спие заедно со татко му во спална (иако претходно си спиеше сам во детска соба во своето креветче веќе година и пол без никаков проблем), додека јас во детската соба спиев со бебето. Едноставно, друго решение за распоред на спиење немаше.

Сега не сака да спие во детската соба, сака со татко му или со мене во спална. Во многу наврати пробуваме да го вратиме да спие на единечен кревет во детската соба, каде што помалиот спие сам во детско креветче. Сега и малиот почна да разбира, па и тој сака да спие со нас во спална, со татко им најчесто. Веќе секаков ред се изгуби. Јас спијам кај ќе стигнам, во дневна, во детска, во спална… Ве молам за совет!


ОДГОВОР: Спиење со родителите во кревет – да или не? Ова прашање нема едноставен одговор. Од една страна, се зборува за позитивните страни на заедничкото спиење каде што децата добиваат сигурност, нежност и поврзување со родителите, а од друга страна, се става акцент на самостојното спиење со цел децата да се осамостојат и да се зачува квалитетниот родителско-партнерски однос. Овие размислувања ги збунуваат повеќето родители и ги ставаат на место на преиспитување за своите постапки.
Вие пишувате дека постојано спиете одделно со вашиот партнер. При носење одлука кога е вистинското време за детето да спие само во својот кревет, треба да размислите за индивидуалниот развој на детето и да бидете свесни која е добивката од заедничкото спиење. Ако се будите уморни и сте ја изгубиле близината со партнерот, вашето дете нема да има корист од тоа. Ова не треба да го занемарувате бидејќи вашата наспаност и квалитетен однос со партнерот влијаат врз вашата добросостојба, а притоа и врз вашите две деца.


Многу често во периодот на осамостојување децата во ноќта се вовлекуваат во креветот на родителите, не можејќи безгрижно да презаспијат. Тие се исплашени бидејќи сѐ е тивко и темно, сите други спијат, а тие се сами во својот кревет. Во ваков случај подобро е детето да се врати во својата постела и да презаспие со ритуалите кои вообичаено ги применувате за заспивање. Понекогаш е во ред децата да преспиваат со родителите, но не долгорочно бидејќи тогаш им правите лоша услуга.

Многу е важно со големо трпение и поддршка вашето дете да стекне навики и да се научи само да заспива, а за вас како родители е важно да бидете одморени. Ако сте одлучни да му помогнете на вашето дете да се осамостои во неговиот кревет, бидете со него додека да се смири и да заспие. Ако сонува страшни сонови и се буди, гушнете го и потсетувајте го дека мама и тато се тука блиску и дека го чуваат. Оставајте запалено светло во ходник, запалена ламба и отворени врати во времето на навикнување.
Вашето дете во периодот на прерано роденото братче доживеало искуство на грижа за другиот за преживување и стекнало со ваша помош навики да спие со друг. Сега само бидете модел дека вие и вашиот партнер се грижите за нив двајцата и дека вие сте тие што најмногу ги сакате и им давате сигурност и спокој во нивниот детски развој.
Доследноста, трпението и поттикнувањето чувство на сигурност се важни за усвојување здрави навики за заспивање.

Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X