Силната вештачка светлина, вклучувајќи ги и мобилните телефони, го запира производството на хормонот мелатонин.

Американска студија од Универзитетот во Колорадо покажала дека вечерното изложување на децата од предучилишна возраст на силна вештачка светлина речиси целосно го попречува производството на мелатонин. Овој хормон е одговорен за регулирање на внатрешниот часовник на телото, ни кажува кога сме уморни или гладни, а важен е и како борец против слободните радикали во телото, кои нѐ штитат од кардиоваскуларни болести.

„Психолошката стимулација“ на дигиталните медиуми игра голема улога во саботирањето на спиењето, забележуваат авторите.

– Без разлика дали станува збор за изложување на насилни содржини, играње возбудлива игра или пишување пораки со пријателите, сите овие интеракции ја зголемуваат когнитивната возбуда, што пак може да ја намали поспаноста – вели Ле Буржоа, дел од истражувачите. Авторите забележуваат дека децата и адолесцентите што го оставаат телефонот или компјутерот во нивната спална соба преку ноќ имаат значително поголема веројатност да имаат проблеми со спиењето.

Повеќе од 75 проценти од младите имаат некакви уреди во нивните спални соби, 60 проценти комуницираат со нив еден час пред спиење, а 45 отсто ги користат телефоните како аларм. Во спроведеното истражување, кај децата меѓу три и пет години, кои биле изложени на силно светло на ламба еден час пред да заспијат, производството на мелатонин престанало по 10 минути, а состојбата останала иста еден час по исклучување на светлото. Ова, заклучуваат научниците, може многу да го наруши квалитетот на сонот, но и да предизвика поголеми проблеми на долг рок.

Втората студија е спроведена на деца на возраст од 9 до 16 години и првиот заклучок е дека силната светлина има посилно влијание врз помалите деца. Тие ги поделиле субјектите во три групи и ги изложиле на три различни извори на светлина. Придушеното светло го инхибирало производството на мелатонин за околу девет проценти, умерената светлина за 26 проценти, а силната светлина за 37 проценти кај помалите деца. Резултатите биле подобри кај постарите. Исто така, научниците предупредуваат на опасноста од паметните телефони и таблетите, кои се достапни и за најмалите деца, бидејќи им го нарушуваат секојдневниот ритам. Имено, пред спиење тие се изложени на многу силна светлина, и тоа во близина на нивното лице. Во најлош случај, забележуваат тие, долгорочната изложеност на оваа светлина пред спиење може да доведе до депресија или посериозни болести.

„Загадувањето со вештачка светлина станува голем проблем во модерното време. Мобилните телефони се виновни за одложување на физиолошките промени во телото кои би требало да настанат во самрак. Како што ги одложуваат, така се намалува и квалитетот на сонот, а тоа може да предизвика депресија и промени во расположението“, се наведува во студијата. Студијата забележува колку малку светлина е потребна за да се влијае врз спиењето и деноноќниот ритам кај малите деца и дека е неопходно да се создадат упатства за родителите и производителите на уреди.

„Претшколските години се многу чувствителен период на развој во текот на кој употребата на дигитални медиуми станува сѐ поприсутна. Не знаеме многу за тоа како тоа може да влијае врз спиењето и телесниот часовник кај малите деца“, објаснува еден од авторите.

Автор: Јелена Крамар

Извор



912

X