Воспитување

Децата што страдаат од депресија се незаинтересирани, имаат напади на плачење и нарушувања на сонот и исхраната

Професорот Иван Беговац, раководител на Институтот за детска и адолесцентна психијатрија и психотерапија при КБЦ Загреб, зборува на тема депресија кај децата.

Како што објаснува тој, во историјата на детската психијатрија долго време се поддржува погрешниот мит дека децата не можат да имаат депресија.

– Тие се сметаа за мали и неспособни да имаат психолошки проблеми – вели тој.

Но, американскиот и австриски психоаналитичар Рене Шпитц во своите пионерски дела веднаш по Втората светска војна, објасни дека и тоа е можно. Истовремено, тој предупреди на „анаклитична депресија“ кај многу мали деца, која денес ја нарекуваме его-депресија. Кај овој тип депресија најмногу доминира чувството на беспомошност, немоќ и бесмисленост.

Децата што имаат анаклитична депресија се пасивни, незаинтересирани, со напади на плачење, нарушувања на ритамот на спиење-будење, нарушувања во исхраната и повеќе се склони кон инфекции. Професорот Беговац предупредува дека погрешниот мит, дека децата или адолесцентите не можат да имаат депресија, може да доминира и денес, иако сега е општо признато дека постои.

Симптоми

Во принцип, професорот Беговац вели дека кај децата и адолесцентите има основни симптоми во вид на нарушувања на расположението и активноста, психомоториката и нагоните, како и нарушување на формата и содржината на размислување.

– Но, може да има и други различни симптоми. Клиничката слика на депресија кај дете од предучилишна возраст се манифестира со лабилно расположение, раздразливост, детето ретко е среќно. Има тажен израз на лицето, намалени изрази на лицето и гестови, незаинтересираност за активности. Исто така, инхибиција во играта и недостиг на вербализација и фантазиска активност на игра и креативност – нагласува професор Беговац и забележува дека може да бидат присутни и дифузни стравови, нарушување на социјалната интеракција, нарушувања во исхраната, енуреза и енкопреза.

– Кај деца од основно училиште, на возраст од 7 до 12 години, се манифестира со депресивно расположение, раздразливост, чувство на досада, апатија, недостиг на спонтани моторни вештини, вербализација на тажно расположение, со слаба самодоверба.

Чекори до дијагнозата

Според професорот Беговац, постои многу изразен недостиг на енергија, анхедонија, неможност за уживање во вообичаените ситуации, бавност на психомоторните вештини, депресивни нихилистички идеи или чувство на вина. Дополнителни симптоми се социјално повлекување, ризично однесување и самоповредување.

На прашањето како се дијагностицира депресијата кај децата и адолесцентите, професор Беговац одговара дека денес депресијата се одредува со вообичаените методи во детската психијатрија и се состои, како и кај другите дијагнози, од низа чекори.

– Најважно е првото психијатриско интервју направено едуциран детски психијатар. Основата на интервјуто е емпатичното разбирање. Првото интервју често има мотивациска и терапевтска димензија, додека подоцна разговорите преминуваат на конкретни дијагностички прашања. Затоа, на почетокот најважно е да се воспостави добар терапевтски сојуз, како со детето или адолесцентот, така и со неговите родители – забележува професор Беговац.

Најважен е разговорот со детето

Во развојот на депресијата кај децата се вклучени различни фактори кои потоа дејствуваат заедно како заеднички мозаик на влијанија. Професорот Беговац вели дека може да има предиспонирачки генетски фактори, ако, на пример, некој близок роднина имал депресивно растројство.

– Но, исто така, може да бидат присутни и предиспонирачки особини на личноста и надворешни фактори, на пример, непосредна дисфункционална семејна средина, која може да биде неповолна за детето. Непосредни предизвикувачи можат да бидат некои разочарувања, чувството дека детето е отфрлено од врсниците, чувството на училишен неуспех, прекинувањето на емотивната врска итн. – додава професорот.

На почетокот на третманот, најважно е да разговарате со детето.

– Важно е детето да може да ги изрази своите чувства на депресија. Понекогаш е важно само да слушате. Не треба да брзаме да даваме совет веднаш, како што можеби е пренагласено во некои психолошки прирачници. Ако детето сфати дека другите го разбрале, какво е неговото чувство или проблем, тоа е веќе доволно во првите чекори – нагласува професор Беговац и додава дека со децата треба отворено да се разговара.

Истовремено, важно е возрасните да се приспособат на нивното искуство на емоции и проток на мисли.

– Не треба да избрзувате со реченици како: „Имаш сѐ во животот, како можеш да бидеш депресивен“ или „Тоа е само пубертет, брзо ќе помине“.

Третман

Депресијата може да се лекува, предупредува професорот Беговиќ и не треба да се шират нихилистички ставови.

– Психосоцијалните интервенции доаѓаат до израз, а може да следи и третман со лекови. Најчести психосоцијални интервенции се когнитивно-бихевиоралните методи, како и психодинамичките методи на лекување. Когнитивно-бихевиоралните интервенции вклучуваат знаење за болеста, структурирање на секојдневниот живот, надминување на неактивноста, подобрување на социјалното однесување, подобрување на комуникацијата и интеракцијата со другите, препознавање, проверка и корекција на дисфункционалните когнитивни ставови – вели професорот.

За помалите деца се користи и терапија со игра и цртање, а целта е да се зајакне детското его. Адолесцентите обично повеќе се фокусираат на прашањата за „внатрешна автономија“, како развојна задача. Во третманот се вклучени и родителите бидејќи семејната терапија може да биде многу корисна.

Понекогаш е неопходно да се препишат лекови

Често се користи комбинација на психосоцијални интервенции, заедно со дополнителен третман со лекови.

– Понекогаш е неопходен дополнителен психофармаколошки третман. Од лековите, најчесто се користат инхибитори за повторно складирање на серотонин. Децата не можат да станат зависни од овие лекови и често го забележуваме нивниот позитивен ефект врз функционирањето на адолесцентите со депресија – вели професорот.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top