Оние од нас што пораснале имајќи пристап до природата може да имаат подобро ментално здравје од оние што немале таква можност, покажува најново истражување. Преку истражувањето научниците бараат промена во приоритетите кога станува збор за урбанистичкото планирање за идните генерации.

Постојат многу здравствени придобивки од поминувањето на времето на отворено, но ретки се истражувањата кога станува збор за тоа како времето поминато надвор во детството ја подобрува нашата психолошка состојба во зрелоста.

За да го тестираат ова, истражувачите анкетирале 3.585 лица на возраст од 18 до 75 години во четири европски града, за тоа колку често како деца оделе во природа, а колку често го прават тоа сега, кога се возрасни. Исто така, испитаниците го оценувале сопственото ментално здравје во изминатиот месец врз основа на психолошки тест. Излегло дека возрасните со ниско ниво на изложеност на природа во текот на детството имале значително полоши проблеми со менталното здравје и не ја сметале природата за важна како оние што во детството поминувале повеќе време надвор.

Но, важно е да се забележи дека авторите цитирале потенцијал за пристрасност бидејќи испитаниците го оценувале сами прашалникот и тој вклучувал само едно прашање за одењето во природа во текот на детството.

Без оглед на тоа, истражувачите истакнуваат дека нивното истражување е важно за подигнување на свеста за тоа колку времето поминато во природа во детството има влијание врз ставот на возрасните луѓе за значењето на природата и менталното здравје.

– Многу деца во Европа водат животен стил што вклучува подолг престој во затворен простор, па би било пожелно да имаат пристап до природните средини на отворено и тие треба да бидат привлечни и безбедни за игра. Ги повикуваме креаторите на политиките да ја подобрат достапноста на природни простори за децата – вели авторот на истражувањето, Марк Неувенхујсен, директор на Иницијативата за урбанистичко планирање, животна средина и здравје.

Се покажа дека урбаните средини негативно влијаат врз менталното здравје поради изложеноста на бучава, метеж и недостиг на зелени површини. Децата што имаат седентарен животен стил имаат поголема веројатност да имаат понизок квалитет на живот, пониска самодоверба, полошо физичко здравје и повисок индекс на телесна маса.



912

X