Понекогаш е во ред, дури и се препорачува да се однесувате како дете. Еве неколку важни лекции што можеме да ги научиме од децата.

1. Секој ден е нов почеток

– Нели е убаво да се знае дека утре е нов ден во кој не сме направиле ниту една грешка? – Л. М. Монтгомери.
Дали се сеќавате на она чувство кога завршувањето на секој школски ден ви се чинеше како комплетен крај и време за започнување на нешто ново? Летните празници ни изгледаа долги како цел живот. Додека сме деца, секој ден ни се чини како вечност, а секој нов ден значи нова можност за создавање нови пријателства, нови авантури, учење нови работи. Децата не го префрлаат „товарот“ од еден во друг ден. Тие секогаш почнуваат од почеток.

2. Бидете храбри

– Животот се собира или се шири пропорционално со нечија храброст – Анаис Нин.
Пејте на глас. Танцувајте кога ви се танцува. Детскиот ум не препознава граници бидејќи не е ограничен со страв од неуспех или понижување. Децата одат храбро напред со надеж и истрајност бидејќи не знаат поинаку. Тие не доживеале пораз и неуспех. Тие со раширени раце го прифаќаат животот и сето она што тој им го нуди.

3. Смејте се секој ден

– Ден без смеење е ден потрошен за ништо – Чарли Чаплин.
Децата имаат прекрасна способност да пронајдат радост насекаде околу себе. Погледнете само каква радост може да пронајде детето во парк или во шопинг-центар. Тие насекаде гледаат будалштини.

4. Чувајте ги убавите пријателства

– Во блажината на пријателството нека има смеа и споделени задоволства. Бидејќи во росата на малите нешта срцето ги пронаоѓа своите утра и освежувања – Калил Џибран.
Во играта со пријателите и создавањето нови пријатели децата ја наоѓаат вистинската среќа. Се зачленуваат во фудбалски клуб, одат на роденденски прослави, одат во нови училишта и таму пронаоѓаат нови пријатели. Децата цврсто се држат до правилото „што повеќе, тоа подобро“, а и возрасните би требало да го прават истото.

5. Пробајте нови работи

– Човекот не може да открие нови океани ако нема храброст да го изгуби погледот кон брегот – Андре Жид.
Децата не се плашат да се обидат во спорт кој претходно никогаш не го играле. Ќе скокаат на трамбулина, ќе се нурнат во морето и ќе се спуштат низ падина на скии дури и ако претходно не го пробале тоа.
Кога ќе пораснеме, почнуваме да се плашиме од непознатото. Остануваме во сопствената зона на комфор и ретко излегуваме од неа. Кога ќе се впуштиме во авантура, повторно се чувствуваме живи и повторно се буди нашиот дух.

6. Забележувајте ги малите работи

– Уживајте во малите работи бидејќи еден ден би можеле да се свртите кон минатото и да сфатите дека тогаш се случиле најдобрите работи – Роберт Браулт.
Некои работи што ние возрасните ги земаме здраво за готово на децата можат да им донесат огромна среќа и голема инспирација. Така, на пример, детето со голема радост ќе ја набљудува птицата што си игра и колку брзо се врти на своите мали ножиња.
Кога престанавме да ги забележуваме тие минијатурни чуда со кои сме опкружени секој ден? Колку животот би ни бил поубав кога повторно би можеле да ги гледаме тие чуда?

7. Во ред е да се побара нечија помош

Кога сте дете, целиот ваш живот зависи од родителската поддршка и помош, односно од помошта на возрасните. Без неа детето не може да опстане. Кога ќе пораснеме, почнуваме да ја губиме способноста да ја прифаќаме туѓата помош како нешто нормално.
Тоа е малку тажно бидејќи барањето помош всушност може да ни помогне да се чувствуваме поспособни, а лицето од кое бараме помош може да се чувствува почестено.

8. Не знаете сè

Со акумулирање на формалното образование, како што поминува времето, често имаме чувство дека имаме одговор за сè. Меѓутоа, воопшто не сме во право. Човек не треба никогаш да престане да биде љубопитен и да поставува едноставни прашања, токму како што прават децата.
Љубопитноста освен што нè прави поскромни, има и безброј други предности. На пример, ја зацврстува вашата поврзаност со другите луѓе бидејќи поминувате време слушајќи ги, што ја подобрува вашата ефикасност на работа и ве поттикнува да учите нови работи и да бидете уште подобри.

9. Постои еден цел свет кој допрва треба да го откриете

Децата се најљубопитните набљудувачи на сè околу себе. Одете на прошетка со детето, а потоа направете ја истата рута и со возрасен човек. Ќе се изненадите колку поинакви работи ќе забележите и ќе објаснувате додека шетате со детето. Така е затоа што со текот на годините стануваме несвесни за природата околу себе.

10. Можете да испробате нови работи и пред да бидете подготвени за нив

Децата не чекаат науката да потврди дека се подготвени да ги придвижат тркалата на велосипедот – тие само ќе се обидат и ќе видат што ќе се случи. И покрај тоа што децата когнитивно, развојно и физички не се подготвени за повеќето работи што светот ги нуди, тие се мајстори во истражување на непознатото. Тие не се оптоваруваат со предусловите за испробување на новите активности.
Децата прво велат „да“, а дури потоа размислуваат како да го направат тоа. Тоа е стратегија која и ние возрасните, кои сме оптоварени со сигурноста, можеме да ја следиме. Децата се најдобар доказ дека не мораме секогаш да бидеме целосно подготвени за да тргнеме напред.

 



912

X