Сè повеќе деца што одат во градинка не јадат цврста, туку миксирана храна. Родителите знаат дека тоа не е најдобра опција и нерадо го признаваат тоа. За жал, тоа е вистината која ја правдаат со брзиот начин на живот, па ја користат прехранбената индустрија која нуди мека и веќе обработена храна која и не треба премногу да се џвака. Ретко кој размислува колку џвакањето е важно не само во процесот на варење на храната, туку и во развојот на говорот кај децата.

Со оглед на тоа дека се јавуваат сè повеќе говорно-јазични проблеми кај децата, треба да се сврти вниманието на поврзаноста на џвакање и развојот на говор кај децата. Џвакањето на храната е една од првите предговорни вежби кои се многу важни за развој на говорниот апарат. За правилен изговор на гласовите се одговорни јазикот, мускулите на лицето и усните, кои всушност се развиваат со џвакање. Кога детето не јаде цврста храна, не се стимулираат тие мускули и не се оптоваруваат во доволна мера. Кога се одлага давањето цврста храна на детето, се одлага всушност и прозборувањето. На децата од претшколска возраст храната треба да им се исече на помали парчиња, но не претерано. Подобро е детето самото да ја става храната в уста отколку вие да го правите тоа.

Исто така, добро е да му се понуди на детето таканаречена „фингер“ храна, исечкана храна која може самото да ја стави в уста. Децата главно со радост го прифаќаат тоа. Овој начин на хранење подразбира надзор од родителите. Важно е детето да ја сфати и разбере важноста на оброкот. Добро е да јаде заедно со вас на маса, да ја почувствува радоста од семејниот оброк. Детето го учи она што го доживува.

Децата најдобро прифаќаат нови искуства и вештини додека се помлади. Не дозволувајте забрзаниот начин на живот, стравот од задушување или неред кој, секако ќе се направи на масата, да влијае врз развојот на вашето дете. Родителот најдобро ќе препознае кога детето е подготвено за џвакање, а совет е тоа секако да биде пред тргнување во градинка.

Извор



912

X