Повеќе од половина од наставниците имаат ограничен пристап за опрема за реализирање на наставата на далечина. Значителен дел (41 отсто) споделуваат компјутер или лаптоп со другите членови на семејството или користат застарени машини (18 отсто), а мал процент (5 отсто) воопшто немаат уред за да работат.
Повеќе од половина од учениците (53 отсто) не го сфаќаа доволно сериозно учењето од дома, а приближно толкав процент (51 отсто) не ги следеа задолженијата и им беше тешко да се мотивираат. На тестовите и проверките децата не работеа самостојно (споделуваа одговори меѓу себе и имаа помош од родителите), а високи 49 отсто од учениците не се вклучуваа на онлајн-предавањата иако наставниците не можеа да ги евидентираат во дневник за отсутни.
Ова го покажало истражувањето на организацијата „Реактор“, кое денеска беше презентирано онлајн преку „Зум“, пред новинарите, министерот за образование и наука Арбер Адеми, претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани, како и пред други претставници од Бирото за развој на образованието и други образовни институции. Анкетирани биле 10.000 ученици, родители, наставници и директори, но освен мислењата на директорите, наставниците и на родителите, не беа презентирани мислењата и ставовите на учениците, кои се клучни во образовниот систем.
Според резултатите, повеќе од половина од наставниците се соочиле со тешкотии поврзани со демотивираност и нередовност на учениците при онлајн-наставата. 37 отсто од родителите рекле дека немаат доволно компјутери во домот, а исто толкав процент рекле дека немаат печатач во домот. Повеќе од половина од анкетираните наставници рекле дека имаат ограничен пристап за опрема за реализирање на наставата на далечина. Значителен дел (41 отсто) споделуваат компјутер или лаптоп со другите членови на семејството или користат застарени машини (18 отсто), а мал процент (5 отсто) воопшто немаат уред за да работат. Високи 42 отсто од наставниците и професорите рекле дека имаат интернет, но дека имаат проблеми и дека е ограничен.
Што се однесува до родителите, пак, во врска со препреките со кои се соочуваа во периодот од 10 март до крајот на учебната година, најголем број од нив рекле дека поради работните обврски, немале доволно време да се посветат на учење со децата (61 отсто). За некои наставни предмети им помагале други членови на семејството, а некои, пак, воопшто не можеле да работат со децата поради домашните обврски (готвење, чистење, набавка на храна).
Во анкетата имало и прашање: Како би сакале да се реализира наставата од 1 септември?, на кое 58 од наставниците во основните училишта и 48 отсто од професорите во средните училишта рекле дека сакаат таа да се изведува со физичко присуство. На истото прашање, за физичко присуство се изјасниле 46 отсто од родителите. 35 отсто од родителите рекле дека би сакале комбиниран пристап (со распоред по денови или одделенија). 19 отсто од родителите рекле дека сакаат настава од далечина преку интернет-платформа.
Откако се затворија училиштата до крајот на учебната година, наставниците во основното образование најчесто користеле Месинџер (62 отсто), Едуино (58 отсто), Вибер (56 отсто), е-пошта (51 отсто).
Министерот за образование и наука Арбер Адеми кажа дека многу е извесно дека учебната година ќе започне во училиште, а не од дома.
– Какво решение и да донесе МОН, ќе се најдат луѓе што ќе дадат отпор и ќе најдат маана, и причините најверојатно ќе им бидат издржани. Но ние внимателно ги следиме ставовите на родителите кои се против настава со физичко присуство и мислам дека е најдобро да се бараат решенија преку инклузивен пат. Размислуваме и што во случај ако имаме болни деца, како тогаш ќе се организира наставата, така што имаме планови. Јас мислам дека училницата нема замена – рече Адеми.
Тој информира дека сите модели за организирање на наставата се финализираат и дека овие денови сè ќе се знае во однос на новата учебна година.
912