Експертите што се занимаваат со воспитување и образование на деца родени за време на ковид-пандемијата забележуваат полоши резултати на тестовите за нивниот когнитивен развој од децата родени пред пандемијата. Меѓу главните причини за тоа се ограничената стимулација дома и помалата интеракција на децата со надворешниот свет.

Затоа, родителите, воспитувачите, наставниците, педагозите и логопедите треба да ги здружат силите за да ја поправат штетата предизвикана од пандемијата врз когнитивниот развој на децата. Пандемијата направи промени во секојдневниот живот на многу семејства – некои родители работат од дома, а децата сѐ почесто имаат дигитални уреди во своите раце.

– Во првите години од животот на децата се поставуваат основите за нивниот когнитивен развој како оние за изградба на куќа. За нивниот оптимален развој, клучни се стимулацијата и интеракцијата. Доколку родителот забележи отстапување на детето од уредниот когнитивен развој, важна е брзата интервенција. Полесно е да се отстранат проблемите во раните фази на развојот на детето – нагласува експертот за неврообразование, д-р Бранка Новосел.

Таа објаснува дека на когнитивниот развој на децата негативно влијае нивната прекумерна изложеност на дигитални медиуми, особено пасивната апсорпција на содржини како гледање видеа и користење на социјалните мрежи. Ова придонесува за намалено внимание, тешкотии во фокусирањето и пониски академски достигнувања.

Сѐ повеќе родители бараат помош од логопед

– Поради развојот на технологијата, имаме зголемување на бројот на деца со јазично-говорни тешкотии. Сѐ почести се случаите на деца кои не зборуваат. Некои деца не зборуваат до три или дури четири години. Има сѐ повеќе родители кои бараат стручна помош од логопед, а не се свесни дека самите потфрлиле во воспитувањето и грижата за нив – вели дефектологот и логопед Соња Малетиќ.

Таа истакнува дека првите три години се клучни за развојот на мозокот.

– Ако детето на таа возраст веќе е изложено на дигитални уреди, се обидува да комуницира со екранот, но не успева. Затоа се затвора во својот свет со екранот и не доживува други деца и луѓе што го опкружуваат. Прекумерната изложеност на екрани влијае врз развојот на нервниот систем, што може да резултира со различни нарушувања, како во однесувањето, расположението, комуникацијата и развојот на јазикот-говорот, а подоцна и во учењето – додава Малетиќ.

Таа смета дека дружењето со врсниците во градинка и секојдневните активности во семејна средина, како играње, поминување време во природа и екскурзии се важни за нормален развој на детето од предучилишна возраст. Имено, ова им овозможува на децата да го запознаат светот околу нив користејќи ги сите сетилни дразби.

Експертите се согласуваат дека е потребно повеќе да се инвестира во раното образование на децата, односно во детската возраст и во пониските одделенија од основното образование.

Извор



912

X