Не постои универзален рецепт кој може да се примени во воспитувањето на децата бидејќи секое дете е мал човек. Постојат неколку фази на развој, од кои секоја имплицира специфични развојни потреби на детето.

Една од овие фази е периодот помеѓу втората и петтата година, кога детето сака да реализира некоја желба или идеја со врескање, удирање, клоцање, фрлање или зајдување.

– Овие изливи на бес се составен дел од нормалниот развој на најголем број деца – вели педијатарот д-р Верослав Маринковиќ од белградската школа за родителство „Нада Лазиќ“.

– Со зајдувањето, детето ја изразува потребата за независност и потребата да има контрола над нешто. Поточно, тоа има потреба да донесе и спроведе одлука иако не е во состојба да ги одреди границите, можните ризици или да го реши проблемот – додава докторот.

Психологот Слаѓана Ѓорѓевиќ вели дека периодот кога се јавува зајдувањето како облик на однесување е период кога се развива автономијата на детето, односно способноста да каже „не“. Затоа е важно ова однесување да не се потисне, туку да се канализира.

Погрешна реакција

Најчестите грешки што ги прават родителите кога детето зајдува е тоа што тие се способни да направат сѐ за да го спречат таквото однесување, додека некои родители грубо реагираат со викање или удирање на детето.

– Со попуштање, децата стануваат разгалени и манипулативни, а од друга страна, острата реакција на родителите кај детето долгорочно може да предизвика чувство на инает и гнев, што може да се манифестира на покомплексен, негативен начин на подоцнежна возраст – вели психологот Ѓорѓевиќ.

Повеќето родители што доживеале вакво однесување кај детето, кое понекогаш престанува да дише на краток период, па дури и помодрува, се прашуваат како правилно да реагираат.

– За да се добие одговор на ова прашање, прво е важно родителот да разбере зошто детето прашува или прави нешто. Емоциите на детето се поинтензивни отколку кај возрасните и многу често тоа не знае што да прави со нив, па чувствата неконтролирано се „излеваат“. Родителот е тој што го насочува детето како да ги канализира емоционалните реакции. Затоа, важно е родителот да му пријде на детето, да го утеши со зборовите: „Разбирам дека ти е тешко и дека си вознемирен, но сега не можеш да го направиш тоа“. Важно е детето да почувствува дека ги поддржувате неговите чувства, дека го разбирате и дека сте тука за него – вели Ѓорѓевиќ.

Педијатарот д-р Верослав Маринковиќ додава дека речиси по правило децата зајдуваат исклучиво во присуство на мајката, многу ретко во присуство на таткото или други членови на семејството, а речиси никогаш во присуство на возрасни кои се грижат за детето додека родителите се отсутни.

Доктор Маринковиќ го советува следново:

– Треба да му се дозволи на детето да се однесува како што започнало, но да се отстрани од средината каде што има гледачи за да може да ја игра својата изведба докрај, само во присуство на родителите;

– Во ситуации кога тоа е невозможно, доволни се цврста прегратка и смирувачки глас и детето ќе се смири;

– Иако се чини дека е тешко да се направи, сталожената реакција, смиреноста и прибраноста на родителот ќе го натераат детето да разбере дека сите понатамошни обиди се оневозможени;

Глетката на губење на свеста изгледа застрашувачки, но дишењето ќе се врати во рок од 30 до 60 секунди.

Доктор Маринковиќ посочува дека нападите на афективно зајдување до одреден степен може да се спречат. Поточно, вели дека треба да се избегнуваат ситуации кои можат да го доведат детето до состојба на исцрпеност. Покрај тоа, треба да се избегнуваат ситуации во кои детето се плаши, загрижено е или разочарано.

Децата чии родители не ги дефинираат јасно границите на однесувањето или нивните ставови се неконзистентни, исто така може да имаат чести напади на зајдување.

Меѓутоа, доколку нападите се поизразени, чести и траат подолго, доколку се поврзани со ноќни мори, детето се моча во креветот, потребно е да се побара помош од лекар или психолог, забележува д-р Маринковиќ.

Извор



912

X