Често зборуваме (некој ќе рече и премногу често) за детската зависност од уредите и за тоа дека премногу време поминато пред екраните влијае врз нивниот развој. Но, дали некогаш сте се запрашале како им влијае родителската зависност од телефоните?

Постојано ги обвинуваме децата за времето што го поминуваат со телефонот в рака, но како родители ретко се преиспитуваме и ретко размислуваме за тоа колку ние сме потрошиле време гледајќи во екран. Оние деца чии родители поминуваат повеќе време пред екран имаат повеќе шанси да развијат проблеми во однесувањето – се  вели во студија што опфатила околу 200 семејства. Од родителите што учествувале во истражувањето, 40% се мајки и 32% татковци, повеќето признале дека имаат некој облик на зависност од дигиталните уреди – дали е тоа потреба постојано да се проверуваат пораки или социјалните мрежи, размислување за повици и пораки кои ги очекуваат или едноставно чувство дека телефонот им е пречесто в раце.

Експертите го истражиле феноменот „техноференција“, кој постои во врската помеѓу родителите и децата, а кој значи дека секојдневните разговори, игри, комуникацијата воопшто често е прекината токму од страна на дигиталните уреди. Четвртина од родителите признале дека најмалку 2 пати дневно им се случува да ја прекинат комуникацијата или играта со детето за да го земат телефонот в рака.

Знаете ли колку време поминува со телефонот в рака просечен родител?

Она што е познато од некои истражувања (стари неколку години) е дека децата поминуваат во просек околу 3 часа дневно користејќи различни „геџети“.

Но, родителите го користат својот телефон уште повеќе. Возрасните го проверуваат својот смартфон најмалку 70-80 пати дневно. Тоа значи 7-8 пати за еден час. И тоа е зависност. Некои тоа го прават бидејќи мораат да ги проверат пораките, други бидејќи очекуваат повик или порака, некој игра игри, а некому социјалните медиуми му се нешто без што не може. Ова звучи малку претерано, зар не?

Но, така е. А сега ве прашуваме вас – дали некогаш сте размислувале за тоа како таа ваша зависност влијае врз децата? Еве како:

Децата развиваат негативен став и изразено нетрпение – една студија покажала дека зависноста на родителите од телефонот влијае врз детето така што тоа има послаба толеранција на она што се случува околу него и не покажува интерес за истражување на светот кој го опкружува. Се разбира, негативното влијание врз врската помеѓу детето и родителите исто така е една од последиците.

Децата се чувствуваат неважни

Замислете, на пример, ситуација во која детето направило нешто добро. Да речеме дека нацртало нешто првпат, нешто на што е навистина гордо. Возбудено е и едвај чека да дојде дома од училиште или градинка и да ви покаже. Но, кога ќе го направи тоа, добива поделено внимание – со наместена насмевка и неискрено воодушевување, брзо го вртите погледот кон телефонот за да продолжите да пишувате пораки. Што мислите, како се чувствува детето во тој момент? Неважно. Постојано ќе има чувство дека мора да се натпреварува со телефонот за вашето внимание. Неговото чувство на припадност сериозно ќе биде разнишано и затоа ќе се чувствува помалку важно од некој уред.

Влијание врз емоционалниот развој на детето

Кога се надеваат на вашето поделено внимание, а не го добиваат, децата се тажни и лути. Кога родителите не обрнуваат внимание на детето, тоа станува вознемирено. Со текот на времето нивната желба нешто да споделат со родителите станува помала и тоа ги прави тажни. Се сопира позитивниот емоционален развој. Со самото тоа, се влијае врз нивното однесување. Децата можат да растат и правилно да се развиваат само тогаш кога добиваат редовно, целосно и неподелено внимание. Иако е секогаш полесно вината да се сврти кон децата, родителите носат најголем товар на одговорноста.

Како да се ослободите од зависноста?

Треба да имате добра причина зошто го земате телефонот.

Секојпат кога ќе посегнете по телефонот, прашајте се зошто го правите тоа. Дали имате навистина добра причина? Морате ли баш сега да „скролате“ по социјалните мрежи? Што би било различно ако го направите тоа малку подоцна? Одговарајќи на овие прашања, ќе си помогнете да го намалите користењето на телефонот.

Ограничете ја употребата

Сигурно знаете дека постојат многу апликации што ги користат родителите за на децата да им го ограничат користењето на телефонот. Но, знаете што? Тие исти апликации можете да ги користите за да поставите ограничувања и за себе. Правилото би требало да важи за целото семејство. Веројатно вам телефонот донекаде ви служи и за професионални цели, па можеби очекувате важна е-порака или повик. Но, гледајте тоа да не биде баш во оној половина час или час кога сте им посветени на децата, а употребата на социјалните медиуми ограничете ја и за себе и за децата. Можеби ќе ви биде непријатно на почетокот, но сигурно ќе се навикнете.

Автор: А. Цвијетиќ

Извор



912

X