Оваа година е исклучителна бидејќи се одбележуваат 30 години од донесувањето на Конвенцијата на правата на детето – 30 години детски права што помогнаа во трансформација на животот на децата во целиот свет.

По повод Светскиот ден на детето зградите и обележјата во Скопје се осветлија во сина боја како дел од глобалната иницијатива „Осветли во сино“. Светскиот ден на детето исто така се одбележа и во Охрид осветлувајќи ги во сино, Амфитеатарот, Тврдината, како и голем број објекти низ Охрид. Во чест на заложбата на унапредувањето на детските права имаше најави дека многу светски метрополи исто така ќе светнат во сино. Дел од нив беа Европскиот парламент во Брисел, кулата „Шангај“ во Кина, Пантеон во Франција, Куќата „Фрида Кало“ во Мексико, мостовите на Босфор во Турција и многу други познати обележја.

Фото: УНИЦЕФ

По повод Светскиот ден на детето, денеска во Скопје се оддржа настанот под мотото „Сите сме = во правата” на кој присуствуваше и Народниот правобранител Иџет Мемети претставници на невладини организации, но учествуваа и деца од градинки, основни и средни училишта од повеќе градови од државата.

Мемети истакна дека оваа година има рекорден број поплаки, најмногу од нив во делот на образованието, а притоа додаде дека поплаки има и во сферата на здравството, за семејните односи, како и за врсничкото насилство во училиштата. Исто така годинава имало многу поплаки во однос на тоа дека децата не можат да го остваруваат нивното право на образование поради тоа што не се вакцинирани.

– Ние, како што знаете, имаме и неевидентирани деца. Во образовниот систем сме нашле и сме воделе неколку постапки за деца кои се образуваат надвор од нашиот систем. Загрижувачки проблем. Како институција сме реагирале, сме ги информирале надлежните, бараме постапување. Министерството за образование ги знае сите наши наоди по однос на девијантните состојби во целиот образовен систем – рече Мемети во врска со поплаките за образованието.

Реакција стигна и од Хелсиншкиот комитет за човекови права, според кои и родителите, учителите, докторите, политичарите, граѓанското општество, корпорациите, медиумите, како и самите млади, играат важна улога во развојот на децата и заеднички ја делат должноста да ги застапуваат и унапредуваат правата на децата.

Темата на Светскиот ден на детето за 2019 година е: „Децата на денешницата, нашите чувари на иднината“.

Дел од правата на децата од Женевската конвенција издвоени од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“:

1. Семејството е многу значајно за развојот и доброто на детето.

2. Родителите ја имаат првичната одговорност за воспитувањето и безбедноста на детето.

3.  Секое дете има право на име и националност.

4. Сите деца се еднакво вредни како луѓе.

5. Децата не смеат да бидат дискриминирани поради изгледот, бојата на кожата, полот, јазикот, верата, мислењата итн.

6. Сите деца имаат право да го изразат своето мислење. Тие мора да бидат почитувани при донесување на сите одлуки што се однесуваат на нив – дома или на училиште – а ги донесуваат властите или судовите.

7. Сите деца имаат право да одат на училиште.

8. Ниедно дете не смее да биде малтретирано, експлоатирано или запоставувано. Ниедно дете не смее да биде присилено да извршува работа штетна за него. Ниедно дете не смее да биде злоупотребувано.

9. Кога се болни, имаат право на помош и на грижа.

10. Сите деца имаат право на игра и на живот во добра и здрава околина.

Конвенцијата за правата на детето прочитајте ја на овој ЛИНК.



912

X