Колку пати сме си го поставиле прашањето дали некаде длабоко во себе носиме лутина кон своите родители? Дали би сакале да биле поинакви од тоа што биле и имаме чувство дека можело да биде подобро.

Лутењето е природно, но колку ни е корисно. Лутината што ја носиме во себе нема да ги предизвика промените што ги сакаме и не ни помага да продолжиме понатаму. Со лутината се казнуваме себеси за грешките на другите. Секој во улога на родител му посакува сѐ најдобро на сопственото дете и го прави најдоброто во времето во кое е роден.

Кога и како доаѓа до простување?

Кога стануваме свесни за капацитетот за давање на најдоброто за другиот? Ако сме им лути на родителите за нешто што го направиле пред 30 години, не си дозволуваме нашите рани да зацелат. Со разбирањето дека нашите родители биле ограничувани од нивните родители, а тие пак од нивните, ќе се освестиме дека станува збор за магичен круг кој ние можеме да го прекинеме со прошка. Тоа е сочувствување со нашите родители и чувство на радост за нашите деца. Свесноста за грешките на нашите родители станува благослов на учење, растење и бидување подобри родители за своето дете.

Нашите родители живееле во време со малку информации и се потпирале на методите од нивните родители и интуиција. Секако, некои од нив завршиле добра работа во воспитувањето. Грешките ги правеле несвесно и не треба да им наметнуваме чувство на вина. Ако на сопствените родители гледаме на овој начин, ќе почувствуваме нежност, сочуство и љубов.

Со сопствениот пример да креираме наш однос со сопствените деца. Многу љубов и внимание кон нив, како што самите сме посакувале од нашите родители.
Кога ќе станете родители, веќе не треба да ви е важно какви биле вашите родители. Единствено што тогаш е важно е каков родител вие ќе му бидете на вашето дете.

Сите ние носиме несигурност од нашето детство поради интроектите од семејството и околината. На повеќето од нас многу им е важно мислењето од околината. Во воспитувањето им го пренесуваме тоа на нашите деца. Свесноста за себе и своите капацитети, чувството на благодарност за себе и за нашите родители го затвора магичниот круг да им се допаднеме на другите, да почнеме да се грижиме за себе.

Колку нашите деца се наши деца?

Ова прашање носи јасна порака. Многу родители ги сметаат своите деца за сопственост, за личности кои треба да ги задоволат нивните потреби, неисполнети желби и барања. Што се случува ако се запрашаме што можат нашите деца да нѐ поучат, да нѐ потсетат што е животот и која е целта. Многупати се има случено самите како огледало да се препознаваме во нашите деца во некоја нивна игра, исказ и однесување. Како е да се вратиме во нашето време назад и да погледнеме во нашите детски желби и потреби.
Честопати спонтано знаеме да кажеме: „Јас ти реков и така ќе биде“, „Јас така мислам и секогаш сум во право“, кога ќе прашаат Зошто?, одговорот е „Затоа“. Тоа ги збунува и не е прифатливо за нивниот дух, како што истовремено не е прифатливо и за нашиот дух.
Улогата на родителот е да му овозможи на детето да истражува само и да живее заедно со детето.

Децата не ве прават родители, како што и имањето клавир не ве прави пијанист.

Автор: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт и едукатор во „Бибиверзум“



912

X