Гениите не се меѓу одличните ученици. За децата треба да се има слух, да ги вклучувате во животот, да им се посветите и да се занимавате со нив. Ако така постапувате, нема да има разгаленост, вели професор д-р Светомир Бојанин, детски психијатар од Србија.
Д-р Бојанин истакнува дека најголемото зло за дете е купувањето внимание преку подароци, а кога се работи за учењето, овој ценет лекар и професор смета дека образовниот систем е главен „виновник“ што многу деца не се заинтересирани за учење.
– Детето до седмата година не умее да се досадува, додека на училишна возраст првпат ја спознава досадата и има причинско-последичен однос кон нештата. Детето тогаш не може да си игра со што било, туку само со она со кое сака да си игра – открива д-р Бојанин и тврди дека нема мрзливи деца.
– Не можеме да кажеме дека детето е мрзливо, туку дека не е добро нахрането со потреби. Кога е немирно на час, тука недостига педагошка работа со него. Детето секогаш го сака она што не му го даваат мама и тато – истакнува д-р Бојанин.
– Детето во принцип е вредно и треба да го храните со потребите што може да ги обработи. Секое дете има свои љубови и склоности. Јунг рекол: „Ако сакате добри послушници, канцелариски работници, барајте ги меѓу одличните, а ако сакате генијална и талентирана личност, барајте ја меѓу оние на кои сѐ им е здодевно, кои доцнат на часови и во ништо не се совршени“. Не треба училиштето да постои само за да бидеме послушни и дисциплинирани, туку за да истражуваме – заклучува д-р Бојанин.
Траума на часовите по физичко образование
Во својата книга „Училиштето како болест“ напишал дека го смета за неприродно тоа што децата не сакаат да одат на часовите по физичко, бегаат од нив, се досадуваат на нив…
– Тоа само значи дека тие часови се несоодветни и промашени. Моето искуство се темели на исповедите на голем број поединци што доаѓаат во диспанзерот за ментално здравје поради проблеми поврзани со часовите по физичко. Успехот на децата на тие часови се оценува како и на часовите по математика, па тие оценки означуваат нечија телесна способност, односно неспособност.
На овие часови од децата се очекува да скокаат, да се качуваат по јаже, па тука се покажува моќта на вештите и немоќта на невештите. Овие последните тоа го доживуваат како сопствен срам и пад на својата личност. Во тие години, таквите доживувања на лицата им оставаат многу тешки последици – заклучува д-р Бојанин.
912