Брзината на современиот живот и борбата за егзистенција ги натера повеќето од родителите да работат и по повеќе работи за да можат да преживеат. Ако по тешкиот работен ден доаѓаат дома и се отпуштаат со гледање телевизија или со мобилниот телефон, тогаш ќе го изгубат и тоа малку време што би требало да го поминат со децата. Резултат на современиот начин на живот е трката за егзистенција и погрешната логика на родителите децата да се воспитаат сами. Овие деца често во училиште се препознаваат како немирни деца кои со своето лошо однесување привлекуваат внимание.

Зошто привлекуваат внимание?

Кога зборуваме за занемареност, не мислиме само на времето што родителите го поминуваат со своите деца, туку и на квалитетот на времето. Така, на пример, родителите што поминуваат физички доста време со децата, но за тоа време се психички отсутни, не им покажуваат љубов и внимание, не разговараат со нив, не ги воспитуваат, нивните деца исто така ќе се чувствуваат занемарено. Воспитувањето на децата подразбира секојдневен разговор со нив за доброто и лошо однесување, да им се постават некакви барања, фалете ги, но кога е потребно, критикувајте го нивното однесување и поставете граница. Кај занемарените деца обично се поставуваат многу малку барања, малку се фалат и однесувањето и личноста, но и малку се критикува лошото однесување. Кога таквото дете лошо се однесува, тогаш добива критики кои често се однесуваат на личноста и не добива објаснување како треба да се однесува. Бидејќи нема јасна ориентација, сака да привлече внимание со лошо однесување, а негативното внимание за него е подобро отколку никакво внимание.

 

А каде се мама и тато?

Ваквите родители веруваат дека треба да ги остават децата да се развијат сами, бидејќи така ќе научат да бидат самостојни… Едно такво девојче родителите го донесоа на терапија бидејќи беа незадоволни од неговото однесување во училиштето, лошиот успех, честите критики од наставниците, агресивното однесување кон родителите… сфаќаа дека често привлекува внимание со лошото однесување, но не разбираа зошто е така и не ја гледаа својата одговорност во тоа. За време на терапијата девојчето на цртеж на кој требало да го нацрта семејството, се нацртало себеси, својот брат и домашното милениче, иако живеат со своите родители. Се жалеше како мајка и татко ѝ не поминуваат време со неа бидејќи многу работат, доаѓаат доцна дома, многу се уморни и им треба време да се одморат. Мајката навечер по работа треба да ја исчисти куќата, па нема време со неа да разговара. Родителите не знаат дека нивното дете веќе подолго време има проблеми во училиште и со другарките, како и дека има здравствени проблеми кои се очигледни. Родителите исто така беа вклучени во терапискиот процес и кога направивме нова семејна динамика, состојбата на девојчето почна да се поправа. Новиот план на семејството беше по работното време заедно да го изнесат кучето надвор и така да се дружат и да разговараат, можат заедно да подготвуваат ручек и да ја средуваат куќата и да разговараат за ситуациите и чувствата со кои детето се соочува. На тој начин не се запоставени ни детето ни куќата. Кога се заедно, тие активно учествуваат во процесот на воспитување. Ги истражуваат своите очекувања, го фалат позитивното однесување и го критикуваат негативното.

Прецизни граници за јасна ориентација

Иако реалноста е таква што многу родители мора многу да работат за да преживеат, тоа не значи дека единствено е важно времето што го поминуваат со детето. Она што е многу поважно е квалитетно поминато време, што подразбира барем тој еден час или два кои зафатените родители го имаат на располагање да го поминат во активно дружење со децата и поставување јасни граници за децата да имаат јасни ориентации во животот.

Децата не се воспитуваат сами и не е доволно само да им дадете да јадат, да ги облечете и да гледаат „успешни“ родители, туку треба активно да учествувате во нивното растење и воспитување, да им го покажете патот и да им поставите граници.

Автор: Љубица Богетиќ



912

X