Децата не се мрзливи, само треба да ги мотивирате на вистинскиот начин и да им помогнете да ги научат потребните вештини. А самата ваша мисла дека вашето дете е мрзливо создава дополнителни проблеми и ве насочува решението да го барате далеку од местото каде што навистина се наоѓа.
Бидејќи кога мислите дека вашето дете е мрзливо, се чувствувате фрустрирано и обично повторувате, потсетувате, барате, викате, што не го мотивира детето да го направи она што од него го очекувате. Таквиот пристап, исто така, доведува до тоа децата да почнат и самите да веруваат дека се мрзливи и со текот на времето создаваат негативна слика за себе, поради што остануваат заробени во старите обрасци на однесување. Меѓутоа, вистината е дека сите луѓе, па и децата, сакаат да успеат, сакаат нивниот живот да биде добар и успешен. За да ги мотивирате на вистинскиот начин, треба да знаете дека постојат 3 психолошки потреби кои влијаат врз внатрешната мотивација:
-потреба за поврзаност
-контрола
-чувство на компетентност.
Кога тие потреби не се задоволени, децата може да изгледаат незаинтересирани, исклучени и мрзливи. А всушност се чувствуваат неповрзани и немоќни. Вашето разбирање, присуство, гледање на ситуацијата со пристапот „детето има проблем“, а не „детето е проблем“ ќе ја задоволи потребата за поврзаност. Родителите често веруваат дека децата може да се однесуваат добро и да ги завршуваат своите обврски навреме, само ако сакаат. Меѓутоа, вистината е дека децата се однесуваат добро и ги исполнуваат своите обврски ако можат. Што значи дека на децата им се потребни одредени вештини за да бидат успешни. Кога зборуваме за домашните задачи, училиштето и обврските, се работи за сет потребни вештини, како регулирање на емоции, комуникација, социјални вештини, па и организација, планирање, поставување цели и приоритети…
Кога ќе препознаете кои вештини вашето дете треба да ги вежба и развива, полесно ќе поставите стратегија за учење и вежбање на тие вештини. Детето ќе биде помотивирано затоа што ќе сфати дека е способно и вредно, а не мрзливо и дека за него успехот постои како можност. Довербата во детето и препуштањето да донесува некои одлуки за себе е задоволувачката потреба за контрола. Доколку управувате со активностите на своето дете на микрониво, детето нема чувство на контрола над својот живот. И со текот на времето почнува да се препушта на „Ако мама сè уште не ме потсетила, значи дека не морам да се грижам за тоа.“ Работата на развојот на вештини и развој на силни уверувања ќе ја задоволи потребата за чувство на компетентност.
Начинот на размислување игра голема улога во однесувањето на децата. Доколку децата се плашат да погрешат, доколку веруваат дека учат само за да избегнат казна, доколку се сомневаат во себе, веруваат дека нема да успеат, се прашуваат зошто воопшто да се обидуваат, доколку се плашат да побараат помош за да не испаднат глупави, доколку веруваат дека другите се подобри од нив… едноставно ќе се откажат, а вие ќе мислите дека се мрзливи. Затоа, негувајте кај децата нов начин на размислување, на пример:

-Грешките се доказ дека се трудам.
-Никогаш не е доцна да почнам.
-Јас можам да правам тешки работи.
-Во ред е да кажам „не знам“ и „ми треба помош“.
-Доколку сум упорен и истраен, можам да успеам.
Исто така, бидете внимателни со очекувањата. Во ред е да имате високи очекувања, но да бидат во согласност со она што е вашето дете, а не она што вие би сакале да биде. Доколку имате превисоки очекувања и детето никогаш не може да ги исполни, ќе се чувствува неуспешно, што дополнително ќе го демотивира. Тргнете со мали чекори и мали успеси. Тоа на децата ќе им овозможи да се видат себеси како успешни и способни, а тоа ќе влијае врз нивната мотивација, како и врз подготвеноста повеќе да се потрудат и да работат повеќе. Охрабрете ги децата, гледајте ги во нив доблестите, силните страни и способности. Поддржете ги нивните интересирања и таленти. Верувајте дека се способни да научат нови вештини. И бидете горди на нив какви што се сега.
Автор: Винка Радојковиќ