Дора Прангагиска е бугарски психолог и психотерапевт со долгогодишна пракса и искуство. Нејзините многубројни средби со родители ја натерале да ја истражи темата за независноста во рамките на воспитувањето на децата. Нејзините совети за тоа како да разговарате со детето на патот кон независноста можат да ви помогнат ако сакате да работите на развојот на самостојноста на своите деца. Таа има 12 предлози:

1. Водете, не критикувајте

Водењето треба да ги покаже вештините на возрасните, но не и да му пречи на детето во неговиот личен развој. Нека биде нежно, внимателно, а не преку држење предавања и лекции. Ако детето се обидува да ги состави коцките, на пример, упатствата можат да бидат: „Ајде да видиме заедно што можеме да направиме“, а не „Не се прави тоа така. Остави, јас ќе завршам!“

2. Кога е потребна критика, критикувајте ја постапката, а не личноста

Понекогаш критиката е императив. На пример, ако детето удира друго дете, правилната реакција би била: „Тоа што го направи е лошо. Гледај, го боли! Немој веќе да правиш така“, а не „Лош си и безобразен!“

3. Избегнувајте етикети, наместо тоа, разговарајте за чувствата

Немојте да им лепите етикети ниту на децата, ниту на партнерот, ниту себеси. Ако детето, на пример, се исплаши, вашиот одговор би требало да биде: „Знам дека се плашиш, понекогаш и јас се плашам“, а не „Ајде, толкава девојка да се плаши, немој да бидеш кукавица!“

4. Одбирајте ги зборовите

Наместо да кажете „Не може!“, предложете алтернатива. Ако вашето дете ја фрли топката во собата, можете да му кажете: „Одиме надвор да шутираме“, а не „Не шутирај ја топката внатре“.

5. Понудете различни опции за детето да може да одбере само

Ако детето во зима сака да го облече розовиот фустан со принцези, можете да понудите избор помеѓу црвени и сини панталони и да ветите дека фустанот ќе го облече веднаш штом тоа го дозволат временските услови.

6. Не злоупотребувајте го зборот „не“

Користете го принципот три од десет. Приближно, се разбира. Согласете се на седум прифатливи работи и одберете три на кои вашиот одговор е „не“.

7. Занемарете ги помалите прекршоци.

8. Бидете одлучни кога ќе кажете „не“

Во психотерапијата посебно обрнуваме внимание на единството на видот, гласот и телото. Категоричната реакција се состои од гледање в очи, нагласен тон и положба на телото со која се изразува самодоверба. Ова е многу важно бидејќи често зборот не е порака, тој има соодветна енергија, но мора да се следат и други елементи на одлучноста. Родителите често велат „не“ со насмевка, што детето го доведува во заблуда.

9. Кога детето упорно прави нешто што му е забрането, настојувајте да му скратите некое задоволство, а не да предизвикате незадоволство

Одземете му нешто што сака, на пример, гледање филмови, но не казнувајте го со праќање во ќош.

10. Преговарајте

Способноста за компромис во комуникацијата е показател на зрелост. Компромиси се бараат и во комуникацијата со деца. Ако детето сака повеќе слобода, на пример, родителот треба да е зрел и да води дијалог до компромис. Да, родителот е авторитет, тој ја носи конечната одлука, но добро е да се чуе и детето, а не да се дисквалификува неговото мислење и неговата личност.

11. Почитувајте ја лутината на детето

Лутината е моментално чувство како и сите други. При преминувањето на независноста оваа емоција не е невообичаена. Понекогаш детето почнува да се тресе и често тоа родителите ги доведува до степен на бес. Им се чини дека ниту еден механизам не функционира, па чувствуваат дека самите имаат проблем со кој не можат да се справат. Затоа контролирајте го сопствениот бес.

Децата често не можат да се изборат со својот бес бидејќи и родителите не можат да го направат тоа. Дозволете му на детето да го изрази својот бес, се разбира, без кршење предмети. Кога лутината ќе исчезне, разговарајте со детето за причините поради кои било бесно – вештиот пристап подразбира емпатија и охрабрување.

12. Извинете се што сте биле лути или што сте погрешиле

Родителите се често лути, но не се извинуваат. Тоа кај детето создава чувство на инфериорност. Извинувањето уште повеќе ќе ви го зајакне авторитетот и ќе им даде добар пример на децата. Не присилувајте го детето да се извинува ако не е подготвено за тоа. Но, затоа вие бидете добар пример.



912

X