Се размислува за воведување забрана децата да удираат фудбалска топка со глава поради страв од врската помеѓу фудбалот и деменцијата.

Шкотската фудбалска асоцијација сака да го предводи процесот за забрана за удирање на фудбалската топка со глава од страна на играчите. Одлуката доаѓа по извештај во кој се заклучува дека поранешните играчи се изложени на поголем ризик од умирање од болеста. Се очекува забраната да се однесува на деца под 12 години што тренираат фудбал.

Слична ваква забрана е донесена во САД уште од 2015 година. Но, Шкотска ќе стане првата европска земја што ќе постави забрана од ваков вид. Дискусии на оваа тема се водат уште од објавувањето на студијата во октомври, во која беа откриени првите врски помеѓу поранешните фудбалски играчи и дегенеративната мозочна болест.

Лекарот Џон Меклин од Шкотската фудбалска асоцијација е дел од тимот што изнесе дека поранешните фудбалски играчи имаат 3,5 пати поголем ризик да страдаат од деменција. Нема цврст доказ со кој удирањето на топката се поврзува со болеста, но д-р Меклин смета дека забраната за контакт помеѓу топката и главата на играчи е разумна.

– Не можеме да чекаме цврст доказ. Треба да преземеме чувствителни, прагматични чекори во моментот со цел да се намали тежината, честите случаи кога младите играчи ја удираат топката со глава, а тоа многу повеќе се случува на тренинзите отколку на натпреварите – вели Меклин.

Гордон Смит, поранешен извршен директор на Шкотската фудбалска асоцијација, се согласува со предлогот за забраната и истакнал дека младите играчи сепак треба да ги изучуваат и техниките со удари со главата, на безбедни начини, но само доколку се употребуваат полесни топки.

– Треба да користиме пластични топки за младите играчи да ја научат техниката без да треба да удираат со главите во топката. Ќе им биде кажано дека удирањето на топката со глава е дел од играта, но не би требало веднаш да почнат со големите топки. Подобро би им било ако користат помеки топки за да ја развијат самата техника, за тоа да нема ефект врз нив во иднина – вели Смит.

Фудбалскиот центар „Гифнок“ го забрани удирањето на топката со глава со образложение: „Ова е клуб на нашата заедница. Прво сме родители, а потоа тренери. Со оглед на медицинските наоди, чувствуваме одговорност да го зачуваме идното здравје на нашите најмлади играчи. Иако допрва ќе следуваат некои научни извештаи, сепак постои растечки консензус меѓу медицинската заедница која се согласува дека удирањето на фудбалската топка со главата придонесува за развој на деменција и други состојби на мозокот подоцна во животот. Имаме одговорност кон нашите играчи и би сакале правилно да ги насочиме семејствата во однос на оваа тематика. Се фокусираме на градење вештини со нозете и така и ќе продолжиме“.

Од Англиската фудбалска асоцијација истакнале дека нивната позиција останува непроменета – дека нема доказ кој сугерира оти удирањето со глава треба да биде забрането во младинскиот фудбал и дека значително помалку се употребува кај младите играчи отколку што мислат луѓето.

Ова, исто така, е прогресивно движење и кај оние што играле фудбал. Поранешниот напаѓач на Велс, Арсенал и Селтик, Џон Хартсон, вели дека Шкотската фудбалска асоцијација заслужува признание што предлага нешто што е очигледно.

– Удирањето на топката со глава беше масивен дел од мојата игра. Менаџерите и токму затоа ме купија, бидејќи можев со главата да ја насочам топката. Но, има сериозни случаи во кои играчите ги изгубија своите животи и поранешни фудбалски легенди страдаат од деменција, па мило ми е што Шкотската фудбалска асоцијација го води овој процес и презема нешто во врска со ова – вели Хартсон.

Забраната се чека да се потврди во следните неколку недели, кога сите релевантни страни ќе го потпишат планот.

Автор: Крис Меклохлин



912

X