Во срцето на Силициумската долина во Калифорнија се наоѓа училиште во кое учат речиси сите деца на вработените во компаниите „Гугл“, „Епл“ и „Јаху“. Меѓутоа, иако се наоѓа во дигиталниот центар на САД, во тоа училиште не постои ниту еден паметен телефон или каков било друг екран. Наместо тоа, наставниците во „Waldrof school of the Peninsula“ претпочитаат поинаков пристап кон учењето, и тоа преку искуства.
Дали компјутеризираните училници се гаранција за успех
Педагогијата на училиштето ја нагласува улогата на имагинацијата во учењето и зазема холистички пристап кој интегрира интелектуален, практичен и креативен развој на ученикот. Меѓутоа, фактот дека родителите работат за најсилните технолошки компании ја доведува во прашање вредноста на компјутерите во образованието и го наметнува прашањето – дали футуристичкиот сон за високотехнолошки училници навистина е во најдобар интерес на новите генерации?
Глобалниот извештај на ОЕЦД покажува дека образовните системи што вложуваат во компјутерска опрема „не забележале посебно подобрување“ на резултатите од тестовите на ПИСА за читање, математика и наука. Најдобрите образовни системи, како оние во Источна Азија, се внимателни во врска со употребата на технологијата во училниците, се наведува во извештајот.
Сликање и цртање наместо гледање слики на екран
Во училниците на училиштата „Waldrof“ децата се поттикнуваат да учат преку уметничко истражување и разни активности, како сликање, цртање, наместо учење информации од компјутер. Тој креативен пристап во образованието ги оживува лекциите, па е многу поефикасен од покажувањето слики и текст на екранот.
Учителите од ова училиште наведуваат дека она на што луѓето најмногу се сеќаваат од училиштето се излетите, експериментите или преубавите приказни. Тоа се работи што остануваат со вас и 50 години подоцна.
Овие училници се осмислени така што учениците се чувствуваат опуштено и удобно со природни дрвени столови и растенија околу нив. Идејата е да се отстранат влијанијата на компјутерите и да се поттикне посилен ангажман меѓу учителот и ученикот во текот на лекциите.
Згора на тоа, децата таму учат вештини за иновативно размислување какви што бараат многу работодавци. Учениците пораснати со технологијата честопати немаат способност за пошироко размислување и решавање проблеми.