Дваесет деца болни од Ковид-19 од пред неколку дена се префрлени од Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле на лекување во Клиниката за детски болести

Расте бројот на деца инфицирани со Ковид-19. Сè почеста е појавата на поизразени симптоми кај најмалите, но присутни се и постковид-компликации кај нив.
Епидемиолозите велат дека британскиот сој го забрзал ширењето на вирусот и кај децата, а педијатрите, пак, потврдуваат дека во последниот ковид-бран тие имаат потешка клиничка слика од претходно.
Според извештајот на Институтот за јавно здравје, за само една недела биле регистрирани 479 деца до 19 години позитивни на вирусот. Овие бројки загрижуваат затоа што во претходните бранови децата или не се разболуваа или немаа никакви симптоми.
Дваесет деца болни од Ковид-19 од пред неколку дена се префрлени од Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле на лекување во Клиниката за детски болести во Скопје. Таму во следниот период ќе се лекуваат децата за кои е неопходна болничка нега, со придружба на еден од родителите.

Само на Детската клиника ќе се хоспитализираат деца со Ковид-19

Проф. д-р Аспазија Софијанова, директорката на Клиниката за детски болести, вели дека сè повеќе има деца што се позитивни на Ковид-19, а истовремено пројавуваат симптоми, наспроти случаите кога децата почесто биле асимптоматски случаи. Потврдува дека често кај децата се појавуваат и постковид-компликации.

Д-р Аспазија Софијанова


Вели дека најчесто кај децата е присутна горнореспираторната симптоматологија.

– Ослободивме два ката од Клиниката каде што ќе се хоспитализираат овие деца. Комплетно го обезбедивме просторот според сите протоколи и стандарди за лекување на ваквите случаи. Капацитетот за лекување на деца што се соочуваат со Ковид-19 во болницата е 40 легла – посочува таа.
Според неа, во овој период мора да бидат особено внимателни во лекувањето на овие пациенти зашто од комуникацијата со своите колеги од странство добиваат информации дека децата можат да бидат особено ризични додека им трае болеста, но и по неа.

Најчести симптоми се високи температури и остра кашлица

Д-р Александра Михајловска, педијатар од Битола, вели дека не треба да се занемарува грижата за децата што имаат Ковид-19 или, пак, што биле или се во контакт со лице кое го има вирусот. Не треба да се вели дека вирусот не ги напаѓа децата. Тоа не е точно. Токму овој период британската мутација на голема врата е влезена во повеќето градови низ земјата. Таа брзо се шири и ги напаѓа децата. Во моментот водам четири деца позитивни на вирусот. И претходно имавме деца заразени од вирусот, во еден период се случува да имаме и по седум-осум деца – вели докторката.
Според неа, симптомите кај децата не се ништо поразлични од оние кај возрасните.

Д-р Александра Михајловска

Разликата е што сега имаме повеќе деца со симптоми на висока температура, кашлица, а кај некои деца се случува да има и наоди на бронхопневмонија. Секако, треба да се внимава на децата и во постковид-ситуацијата зашто и тогаш може да се случат сериозни последици – додава д-р Михајловска.


Д-р Драгана Емел-Маркоска, педијатар од Скопје, вели дека иако претходно немале многу децата заболени од Ковид-19, овој пат имаат голем број, но има и такви што имаат слични симптоми како настинки или стомачни вируси.

Д-р Драгана Емел-Маркоска

– Ако во семејството има позитивен член, тогаш и децата ги водиме како такви случаи зашто нема доволно термини и не можеме да чекаме тие да се тестираат. Во моментов имаме над 20 деца позитивни на вирусот – објаснува докторката.
Според неа, симптоматологијата на овие деца се високите температури, пневмониите, долнореспираторните инфекции, нешто што не било својствено за претходно.

Присутен е постковид-инфламаторен синдром

Д-р Бесник Зекири, директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле во Скопје, вели дека последниот период за 22 отсто е зголемен бројот на заболени деца од Ковид-19. Сепак, смета дека најчесто тие се третираат во домашни услови од матичните педијатри.

– Во изминатиов период, со овој последен бран се зголемува бројот на деца со фебрилност, кашлица и тешко дишење. Ако досега доминираше горнореспираторната симптоматологија, сега доминантни се децата со изразени долнореспираторни симптоми како пневмонии (докажани и клинички и со снимка со рендген) и потешки бронхо-опструкции. Имавме и потешки случаи за кои беше неопходно итно хируршки да се интервенира како резултат на постковид-мултисистемски инфламаторен синдром, кој се јавува во овој период од пандемијата – додава д-р Зекири.

За една недела 478 регистрирани заразени деца

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, само за една недела, во периодот од 15 до 21 март годинава, биле регистрирани 478 деца позитивни на Kовид-19. Од нив 144 случаи се деца од 0 до 9 години, а останатите 334 се деца од 10 до 19 години.
Иако во извештајот на ИЈЗ пишува дека најмал број регистрирани позитивни случаи е забележан кај овие две возрасни групи, сепак, потенцирано е дека има големо процентуално зголемување во споредба со претходната недела кај возрасната група на деца од 10 до 19 години, од 33,1 отсто.


За споредба, од 23 февруари до 1 март годинава има 61 позитивно дете од 0 до 9 години, како и 188 деца на возраст од 10 до 19 години, што значи вкупно имало 249 деца од 0 до 19 години позитивни на Ковид-19. Една недела претходно, од 15 до 22 февруари, имало 38 деца од 0 до 9 години, 107 деца од 10 до 19 години, односно 145 позитивни деца.



912

X