За да се подготви за еден час, понекогаш ѝ треба повеќе време, а некогаш идеите ги добива пред легнување, па станува да ги запише за подоцна да станат реалност. Таа секојдневно се труди да ја избегне класичната форма на одржување на часовите и наоѓа различни начини да ги анимира децата

Да се биде наставник е една од најубавите професии. Токму оваа реченица без дополнително објаснување можат да ја разберат само наставниците. Треба да се додаде и дека да се биде наставник е една од најодговорните професии. Воспитувањето и образованието на младите генерации воопшто не е лесна работа. За тоа не постои калап. Ако навистина сакате да бидете наставник, прво што треба да направете е да излезете од тој калап и да ја развиете вашата креативност и фантазија. Ова е мотото по кое се води Менка Трајковска, еден нетипичен, барем за наши услови, одделенски наставник на четвртоодделенци во ООУ „Аврам Писевски“ во скопско Бардовци.

Таа секојдневно се труди да ја избегне класичната форма на одржување на часовите и наоѓа разни начини да ги анимира децата.

– Во училиштето работам веќе осум месеци. Претходно работев со деца со посебни потреби, па со тренинзи за деца со аутизам. Држев и спортски активности за деца од две години, па и за повозрасни – посочува таа.
Смета дека денешните деца имаат интерес за динамични предавања и поинаков тип на настава.

– Се трудам да им покажам дека треба да се учи она што ќе им биде практично применливо во животот, но и она што ќе ги збогати со знаење, општа култура и информираност. Честопати им раскажувам приказна која не открива конкретно за што ќе учиме. Ги мотивирам учениците низ моите приказни да ја откријат врската со материјалот, дури и ако таму навистина ја нема. Разговараме со целото одделение за сè што ќе ни падне на памет. Темите не треба да бидат поврзани со материјалот на ниту еден начин. Забавно е, а истовремено учениците гледаат колку конкретниот предмет е вклучен во сите сфери на нашиот живот. На тој начин индиректно им се укажува на значењето на наставниот предмет – објаснува таа.

Заљубена во својата работа

Така, на пример, кога временските услови го дозволуваат тоа, Менка на час по ликовно ги носи надвор и наместо на листови од блок, цртаат мртва природа на бетонот.

– За музичко и ликовно, иако се посебни часови, некогаш правам спој и ги комбинирам. Се случува наставата да ја одржиме во природа, седнати на трева или на клупи поставени во облик на амфитеатар. Честопати користам разни реквизити, преку кои обележуваме одредена лекција или одреден ден – објаснува наставничката.
За да се подготви за еден час, понекогаш ѝ треба повеќе време, но некогаш идеите ги добива пред легнување, па станува да ги запише за подоцна да станат реалност.

– Заљубена сум во мојата работа. Многу идеи добивам и при разговорот и играта со моите деца – вели таа.
Менка посочува дека наставникот постојано се надградува себеси како професионалец во мисија да им обезбеди на учениците највисок квалитет на образование.

– Не се плашам да учам нови стратегии или да внесам нови технологии на часовите – вели таа.

Менка ги прашува децата за она што ги интересира

На прашањето зошто наставничката Менка одбрала поинаков начин на предавање од класичното, таа вели дека на таков начин се создава средина за учење која им посакува добредојде на сите ученици.

-Учениците се чувствуваат слободни да ги изразат своите чувства и учат да ги почитуваат и да ги слушаат другите. Ученикот е свесен дека е важен и интегрален дел од групата. Наставникот им дава до знаење на учениците дека можат да сметаат не само на неговата поддршка, туку и на поддршката од целиот клас. Потребни се само доволно љубов кон сопствената работа, трпение, упорност и фантазија. Сето тоа е мојот мотив. Децата се мојот мотив. Тие ме прават добар наставник – додава Менка.


Вели дека многу често ги прашува своите ученици што би промениле во учебниците кога би можеле и што би додале.

– Така дознавам што им се допаѓа, а што не, што им е тешко и неинтересно. Тие ќе ви посочат кој начин на совладување на материјалот им е најлесен и најинспиративен – додава наставничка.

За таа цел, според неа, треба да се споредат поимите што им се објаснуваат на учениците со предметите што се поврзани со секојдневниот живот, со нешто што им е блиско и интересно.

– За да успеете во ова, треба постојано да бидете во тек со актуелните случувања во нивниот свет. Користете за нив карактеристични термини (секако, без претерување), покажете им дека ги разбирате. Многу брзо ќе забележите дека ова навистина ќе им го привлече вниманието – советува наставничката Менка.

Воспитување за близок и добар однос меѓу учениците

Менка вели дека децата го обожаваат нејзиниот начин на работа и имаат совршен заемен однос.

– Ние сме како едно семејство кое знае да си ги признае грешките и од нив да извлече поука. Не дозволувам детското его да ги спречи во ништо. Ако ученикот најде грешка, го прифаќам тоа и го пофалувам ученикот. Дури им давам вежба до крајот на часот да ги кажат сите грешки што сметаат дека јас сум ги направила. Тоа им е интересно, а и ги држи доволно фокусирани за да ме следат постојано и поактивно во текот на училишниот ден – вели наставничката Менка.
Според неа, воспоставувањето добар и близок однос со учениците е многу важно за нивото на функционалност на часовите.

– Ако не знаете како да се поврзете со учениците, тие едноставно нема ни да го слушаат она што го зборувате, без разлика колку е интересно. Од друга страна, доколку успеете да воспоставите добар однос, ако знаете како да им се доближите, учениците ќе ви веруваат, атмосферата на вашите часови ќе биде подобра, со самото тоа и нивната продуктивност, а вие ќе бидете покреативни како наставник – советува таа.

И родителите ѝ даваат поддршка

Родителите ја почитуваат нејзината енормна желба за промени во образовниот систем, за подобра иднина и смисла на животот на нивните деца. Истиот фидбек го добива и од нејзините колеги во училиштето.

– За да бидете успешен наставник, важно е да уживате во својата работа, но најважно од сѐ е кога ги споделувате искуствата. Колегите се оние од кои црпите искуства, но и оние со кои ќе ги споделите вашите – вели таа.
Смета дека наставниците треба да ги почитуваат методските правила во наставата, но не треба слепо да се држат до нив.

– Ако кај своите ученици забележете досада и го слушнете прашањето: Уште колку време ќе ѕвони?, треба да ви биде јасно дека во нешто грешите. Значи, треба нешто да смените. Тогаш треба да излеземе од рамките на вообичаените училишни правила – заклучува наставничката.

Фото: приватна архива



912

X