Ново истражување спроведено од Универзитетот „Астон“ покажа дека децата на возраст од четири години внесуваат 79 отсто повеќе калории кога им е досадно, во споредба со моментите кога се во неутрално расположение.
И покрај тоа што досадата е вообичаена емоција што ја доживуваат многу деца, ниту едно истражување досега не испитувало експериментално колку повеќе јадат децата кога им е досадно. Истражувањето покажува дека децата на кои им било досадно внесувале 95 килокалории кога биле сити, во споредба со децата со неутрално расположение кои внесувале само 59 килокалории.
Ова истражување е предводено од д-р Ребека Стоун, како дел од нејзиниот докторат, под менторство на професорката Клер Фароу и професорката Џеки Блисет од Универзитетот „Астон“ и професорката Ема Хејкрафт од Универзитетот „Лафборо“.
Однесувањето на децата кон исхраната е обликувано од нивната генетика, темперамент и низа други фактори, вклучувајќи ги и практиките на хранење. Во претходните истражувања авторите ги истражувале однесувањата кои кај децата предизвикуваат повеќе да јадат кога доживуваат негативни емоции. Често кога децата доживуваат негативни емоции, како што се досада и тага, возрасните користат храна за да ги смират. Сепак, ова однесување, кое е познато како емоционално хранење, се чини дека ја зголемува веројатноста децата да јадат повеќе кога се вознемирени, што потенцијално ги учи децата да бараат храна кога нивното расположение не е добро.
Истражувачите ги прашале родителите за практиките на хранење што ги користеле за своето дете и за неговиот темперамент. На децата и на родителите им се давал стандарден оброк што го јаделе додека не почувствувале заситеност. Децата потоа учествувале во низа секојдневни активности каде што се проценувало нивното расположение.
Истражувачите откриле дека ако родителите пријавиле дека често користат храна за да ги смират емоциите на нивното дете и нивното дете е многу емотивно, тогаш децата јаделе петпати повеќе кога им било досадно (104 килокалории) во споредба со неутрално расположение (21 килокалории).
– Ако децата внесуваат многу повеќе калории при досада предизвикана во лабораторија (период од четири минути), имајќи предвид дека досадата е вообичаена емоција кај децата, потенцијалот за прекумерен внес на калории како одговор на досадата во текот на еден ден, една недела или една година, е многу поголем во средина со многу храна – вели д-р Стоун.

Д-р Стоун нагласува дека искуството на досада е важно во развојот на детското чувство за себе и развивањето креативност, па затоа не препорачува децата да избегнуваат да им биде досадно. Наместо тоа, таа советува децата да научат да ја надминат досадата без да се свртат кон храната.
– Обично се претпоставува дека децата ќе посегнат по храна кога им е досадно, а некои деца имаат поголема веројатност да го направат тоа, за разлика од другите. Ова е прво истражување кое експериментално го тестира тоа во лабораторија. Иако се чини дека постојат разлики меѓу децата во однос на нивното јадење кога им е досадно, корисно е да се знае дека практиките на хранење што возрасните ги користат може да ја обликуваат веројатноста да се случи тоа. Важно е родителите да бидат свесни дека емоционалното хранење може да има последици – вели Фароу.
Истражувачкиот тим сака да истражи други негативни состојби на расположение кај децата и да развие совети и поддршка за семејствата за да најдат ефективни начини за справување со предизвиците околу однесувањето на децата во исхраната.