Листата никогаш не може да се намали. Овие деца што сега се на листата треба да се запишат следната година, кога една генерација ќе си замине, кога ќе тргне во училиште. Но, ќе дојдат уште толку деца на кои им дошло време за градинка, па затоа листата ќе си остане, вели Валентина Божиновска, директорка на градинка
„Кога со сопругот отидовме да го запишеме детето во градинка, ни рекоа дека е 98. на листата на чекање. Со неверување ја слушнавме оваа вест. Ќерката има една и пол година и не можеме да најдеме место во ниту една градинка во Општина Аеродром за да ја запишеме. Дури ни рекоа: ‘Многу сте чекале, требало да се јавите веднаш штом се роди’“.
Вака ја почнува приказната скопјанката Ирена за проблемот со кој се соочуваат многу родители во Македонија – списоците за чекање за влез во градинка.
Фото: КолектифПрес
Како се фаќаат врски за градинка
Голем дел од градинките немаат капацитет да ги примат сите деца. Деца мк. истражуваше колку деца во земјава чекаат за влез во градинка. Нашата анализа покажа дека во осум општини чекаат дури 2.529 деца…
Едно од нив е и детето на Ирена. Откако се вратила на работа, по породилното отсуство, таа морала да ангажира дадилка за детето да ѝ биде згрижено. Во Општина Аеродром на листата на чекање има вкупно 250 деца. 220 чекаат за во градинката „Буба мара“, а 30 во „Срничка“.
– Сега, всушност, треба да чекаме до следната година за да ја запишеме, а нема гаранција ни за тоа. Плаќам за дадилка речиси 12 илјади денари бидејќи нема кој да ја чува. Велат дека се потребни врски за градинка, но каде ги сместуваат тие деца со врски кога нели „нема место“ – прашува Ирена.
Директорка на една градинка, која сакаше да остане анонимна, ни објасни што значи тоа да се „фатат врски“ за градинка.
– Врските доаѓаат од пониски, но и од повисоки инстанции. На пример, знаат да дојдат мои роднини, да молат за нивни роднини, па доаѓаат вработени и молат да се запише дете на нивни роднини или пријатели. Па тука се повиците од вработени во Општина или од министерствата со пораки: „За ова дете мора да се најде место“. И така, наоѓаме место, групите се преполни со деца, а нема ни нов кадар ни простор – вели таа.
Само нови градинки ќе го решат проблемот
Родителите што се вработени, а нивното дете е на листа на чекање за упис во градинка, мака мачат да најдат решение за проблемот. Некои, како Ирена, плаќаат дадилка, некои ги запишуваат во приватни градинки, некои мајки даваат отказ. Оние среќниците ги имаат баба и дедо, ама и роднини.
– Мојата свекрва работи како учителка. На настава е најмногу до 13 часот, среќа што е во училиште во кое има само прва смена. Претпладнето син ми го чува мојот брат, кој е невработен, па потоа таа го презема, сѐ додека не го земам по работа. Мака мачиме со организација. Во Кисела Вода нема место во ниту една градинка. Не знам како ќе тераме ако и следната година не најдеме место – вели мајка на двегодишно дете.
Директорката на градинката „Весели цветови“ во Кисела Вода, Валентина Божиновска, вели дека таму на листа за упис чекаат околу 200 деца. На прашањето како се намалува листата, таа вели:
– Листата никогаш не може да се намали. Овие деца што сега се на листа треба да се запишат следната година, кога една генерација ќе си замине, кога ќе тргне во училиште. Но, ќе дојдат уште толку деца на кои им дошло време за градинка, па затоа листата ќе си остане. Проблемот е долгорочен, не може да се реши за месец-два. Потребна е поефикасна соработка на сите институции и обезбедување услови за сите деца да може да посетуваат градинка. Тоа може да се направи само со огромни инвестиции во нови градинки. Во Кисела Вода, на пример, капацитетите на градинките се тие, проблемот ќе се реши само со изградба на нови градинки – вели Божиновска.
Анализата на Деца.мк покажа дека рекордот според бројот на деца што чекаат да тргнат во градинка го држи Битола со 800 деца, потоа следува Кисела Вода со 729. Во Ѓорче Петров има 400 незапишани деца, а во Кавадарци 300. Општина Аеродром има 250 деца на листите на чекање. Нема незапишани деца во градинка само во Општина Центар.
912