Вештачката интелигенција доживеа огромен напредок и голема популарност, не само во технолошкиот свет туку и кај општата популација. Има малку млади луѓе што не слушнале за „Чет-ГПТ“, а многумина „муабетеле“ користејќи ја таа апликација.

Вештачката интелигенција покажа потенцијал не само да ги промени животите во деловна смисла, туку и да влијае врз нашиот секојдневен живот, вклучувајќи го и начинот на кој децата играат и го поминуваат своето време. Децата, всушност, веќе користат играчки базирани на вештачка интелигенција.

Денешните деца ги нарекуваме „генерација на вештачка интелигенција“ бидејќи тие се опкружени со вештачка интелигенција каде и да одат. Таа влијае врз нивните одлуки за тоа каква содржина да гледаат на интернет, па дури и врз нивните одлуки за купување предмети, со поставување реклами за кои смета дека ќе им бидат интересни.

Влијанието на вештачката интелигенција врз секојдневниот живот на луѓето само ќе расте. Тоа е технологија која е тука да остане и ќе продолжи да се развива и да ги менува нашите професионални и лични животи. Ова значи дека вештачката интелигенција ќе има огромно влијание врз професионалниот живот и развојот на нашите деца и идните генерации – вештините во оваа област може еден ден да бидат дел од стандардните барања за кандидатите на многу позиции, како денес, на пример, познавањето на „Мајкрософт офис“.

Што е причина за загриженост?

Вештачката интелигенција може да биде меч со две острици, особено кога се во прашање децата.

Ризиците се различни. Од оние што се однесуваат на приватноста и безбедноста до психолошките и бихевиоралните ефекти, судејќи според извештајот на УНИЦЕФ.

Добар пример се социјалните мрежи. Алгоритмите засновани на вештачка интелигенција учат каква содржина гледаат децата (и сите ние), пребаруваат, анализираат што отвораат, а потоа врз основа на она што го научиле ним даваат содржини кои се поврзани со претходните искуства и интереси. Па дури и кога тие содржини би можеле да бидат штетни за нив или за нивната околина.

Друг ризик поврзан со силното присуство на вештачката интелигенција во нашите животи е поврзан со автономијата и одлучувањето. Како што вештачката интелигенција станува сѐ поприсутна, понекогаш лесно можеме да се потпреме на неа и несвесно да ѝ веруваме.

Почнете со мали чекори

Едукацијата е клучна ако сакате вашите деца да не дозволуваат вештачката интелигенција да донесува одлуки наместо нив. Важно е децата да разберат како функционираат овие технологии за да ги разберат можностите, но и ограничувањата и ризиците што ги носи вештачката интелигенција. И треба да почнете со мали чекори.

Започнете со едукација за основите на вештачката интелигенција, на едноставен јазик, на нивното ниво на разбирање. Кажете им на децата што може да направи вештачката интелигенција, зошто луѓето ја создале, како таа ќе ни помогне во иднина. Но, исто така, кажете им дека таа прави сериозна работа дури и кога не сме свесни за тоа, обидувајќи се да нѐ убеди да донесеме некаква одлука за купување, за тоа какви содржини ќе следиме, каде ќе одмориме, што ќе правиме во слободното време…

Практичното учење преку софтвер, кој им овозможува на корисниците визуелно да истражуваат алгоритми и други технологии за вештачка интелигенција, може да биде добар почеток. Важно е да разберат дека вештачката интелигенција ги опкружува и дека не е само апликацијата „Чет-ГПТ“, туку дека е таму, на нивните социјални мрежи, на каналите на „Јутјуб“ што ги следат, како и додека читаат текстови на порталите.

Но, според експертите, не се работи само за разбирање на вештачката интелигенција. Еднакво е важно да научите како да се справите со тоа. Ова вклучува развој на вештини како што се критичко размислување и креативност, кои би можеле да ја надополнат вештачката интелигенција. Треба да ги научиме децата никогаш да не се потпираат премногу на вештачката интелигенција при донесувањето на нивните одлуки.

Разбирањето на вештачката интелигенција ќе стане сè поважно во процесот на формирање одговорни, едуцирани граѓани, со способност да донесуваат одлуки и да се залагаат за себе во сè поавтоматизиран свет.

Децата и младите треба да разберат дека вештачката интелигенција има ограничувања и може да прави грешки. Може да биде пристрасна, па дури и склона на предрасуди. Затоа е важно да ги научите децата да размислуваат критички и да одлучат како и колку можат да се потпрат на вештачката интелигенција. Тоа е единствениот начин да се искористи технолошкиот напредок во денешниот свет, без да се подлегне на неговите лоши страни.

Извор



912

X