Со почетокот на втората година се менува однесувањето на детето. Почнува да се буди во текот на ноќта на секои 4 часа, вреска кога и да се оддалечи или исчезне од видикот еден од родителите, особено мајката. Играта станува фрустрирачка бидејќи секоја задача што ќе се најде пред него му предизвикува лутина. Сето ова е вовед во следниот скок во развојот – проодување. Бебето полека станува дете.

Воспоставување независност: Бебето првпат сфаќа дека не е дел од мајката (таткото или старателот), туку самостојна единка, што е извор на огромен стрес. Од перспектива на детето, светот нагло се проширува и се менува, а неговиот личен простор станува важен. Сето тоа доведува до нагло растење на чувството за независност, но истовремено расте и зависноста. Детето дозволува некој да го земе в раце и да го крене, но кога ќе сфати дека е зависно од лицето што го држи, во истиот момент се мрда и бара да го спуштите.

Самостоен избор: Во првата година за се одлучувале родителите, а сега детето може и сака да избира со која играчка ќе игра, што сака да јаде или облече, која книга сака да му ја читате. Самостојното одлучување носи огромна моќ, но и одговорност бидејќи од него произлегуваат последици. За детето ова носи нов извор на стрес, а за родителите задача да го водат во вистинска насока бидејќи следува фаза на негативизам. Детето наскоро на секое барање ќе одговара со „не“.

Физичка и емотивна сигурност: Кога детето ќе почне да оди, никој и ништо не може да го спречи да го прави тоа по цел ден, со желба сè да види, да проба, да допре. Родителите не смеат ниту на момент да го изгубат од вид за да не се изгуби или повреди. Овој период е еднакво стресен и за детето и за лицето што се грижи за него бидејќи движењето на детето и истражувањето се целосно непредвидливи. Од друга страна, треба да се грижите за него, да го поддржувате и да го охрабрувате во активностите за да се чувствува дека постапува правилно.

Одвојување од родителот: Како што станува свесно за себе како единка, така одвојувањето од родителот станува сè потешко, особено од мајката. На децата што одат во градинка особено тешко им паѓа утринското одвојување, иако и за родителите тоа е стресна ситуација. Некои деца побрзо се адаптираат, додека на други им е потребно многу време.

Разбирање на разликата помеѓу половите: Детето почнува да се идентификува со родителот од ист пол и да ги согледува разликите меѓу половите, па станува свесно за својата сексуалност. Сфаќањето дека се разликува од саканиот родител може исто така да биде извор на стрес. Наклонетоста на детето кон еден родител може да предизвика љубомора кај другиот, што исто така доведува до стрес.

Индивидуални разлики: Во втората година индивидуалните разлики се уште понагласени. По природа мирните, внимателни деца стануваат уште повнимателни, додека активните се постојано во движење. Родителите се загрижуваат кога ќе ги уочат овие крајности кај своето дете и трошат голема енергија на споредување и обиди своето дете да го вметнат во калап на идеално дете. Меѓутоа, наместо да го прифатат детето такво какво што е, тоа може да предизвика голема напнатост кај сите членови од семејството.

Самодисциплина: Поради грижата како ќе се развива емоционално, родителите постојано го надгледуваат детето во втората година, учејќи го што е дозволено, а што не е, што смее да допира, а што не. За повеќето парови тоа е огромен стрес. И за детето овој период е доста тежок бидејќи мора да научи да управува со своето расположение на соодветен, прифатлив начин. Возрасните треба да му помогнат на детето да ја совлада самодисциплината, затоа мора да бидат доследни, како и лицето што го чува детето. За малите е фрустрирачко ако добиваат контрадикторни пораки или ако се изложени на различни начини на воспитување (родителите не се согласуваат во тоа или нивниот начин не се усогласува со оној што го спроведува лицето кое го чува детето – баба, дадилка, тетката во градинка…)

Негативизам: Освен што на секое прашање или барање одговара со „не“, и говорот на телото го покажува тоа, што дополнително го излудува родителот. Многумина се во искушение да применат физичка казна бидејќи детето не сака да ги слуша. Меѓутоа, детето го прави тоа од потреба за независност која го следи негирањето. Улогата на родителот во тоа е да му помогне на детето само на себе да си ја разјасни сопствената самостојност и да сфати дека провокативното однесување на детето често е испитување на границите. Родителите мора да пронајдат свој начин на дисциплинирање (кој не е насилен) преку кој ќе го научат детето каде се границите.

Одвикнување од пелени или навикнување на нокшир: Ако очекуваме детето самостојно да извршува нужда, тогаш треба да причекаме тоа да биде способно да го стори тоа, инаку навикнувањето на нокшир ќе стане силен извор на стрес како за детето така и за родителите. Во меѓувреме на детето треба да му се покаже што значи тоа, како се први тоа бидејќи во спротивно, кога ќе биде подготвено, нема да разбере што се очекува од него. Повеќето деца не се во состојба самостојно да го користат нокширот, додека не излезат од фазата на негативизам.

Спиење: Дури кога ќе почне да оди, детето повторно ќе може да ја преспие цела ноќ без будење. Ако спие со родителите, време е да прејде во своето креветче бидејќи во спротивно постојано ќе се бори за таа позиција. За да се намали стресот во новонастанатата ситуација, неопходно е да се одржуваат ритуали на самосмирување пред спиење, па детето да потоне во сон опуштено и среќно.

Автор: Снежана Милановиќ, физиотерапевт

Извор



912

X