Воспитување

Децата и играчките-утешители: „Не го давам моето мече!“

На своето детство, особено она раното, слабо се сеќавам. Но една работа која сè уште ми е во сеќавање е малечкиот „јорган“ кој секаде го носев со себе. И никако, по никоја цена, не давав да ми го исперат. Што е уште полошо, еден раб на тоа јорганче беше излитен. Се сеќавам како го носев до носот тој раб и го мирисав додека во устата имав цуцла. Се чувствував како целиот мир од таа вселена да влегол во мојата душа. И денес, по 40 и повеќе години, мирисот на тоа јорганче е жив и јасен во моето сеќавање.

Затоа, кога станав мајка, ми беше сосема нормално и моите деца со себе да носат некои ќебенца, перници, кадифени играчки и да не даваат да се исперат. Тие ги пронашле своите „преодни предмети“ и се тешат со нив.

Што се тоа „утешители“ или преодни предмети?

„На самиот почеток од животот бебето е во симбиотски однос со мајката. Мајката е тука за веднаш да реагира и да ги задоволи сите негови потреби. Па така бебето ако е гладно, ќе биде немирно и ќе плаче, а мајката веднаш ќе го нахрани и ќе го смири. Во бебешкиот свет таа е семоќна и тоа има чувство на целосна контрола над мајката, која постои само за него. Но, постепено, по некое време на такво единство, доволно добрата мајка почнува да го продолжува времето до задоволувањето на сите бебешки потреби и на тој начин му овозможува да фантазира за дојка или шишенце, додека не му ги донесе и не го засити бебето. Така бебето почнува да фантазира и всушност сфаќа дека дојката е дел од мајчиното тело и дека не е тука само заради него. Бебето ќе почне да користи сеќавања на поранешни убави и пријатни искуства со мајката и на тој начин да го исполнува просторот кој го одвојува од мајката. Така се креира таканаречениот преоден простор во кој бебето може да ја обликува внатрешната психичка слика за мајката, симбол кој му помага да поднесе сè поголема оддалеченост од мајката. Со преодниот простор поврзани се и преодните објекти. Тие претставуваат првото нешто што детето го поседува. Тоа може да биде ќебенце, кукла, парче ткаенина, нешто што детето може да го држи и гали – тоа е објаснувањето што го дава Ива Пупиќ, психијатар од Поликлиниката за заштита на деца и млади во Загреб.

Утешителите или преодните предмети најчесто се (иако не секогаш) крпчиња, помалечко ќебенце или кадифена играчка од која детето не сака да се одвои и која е незаменлива. Оваа чудотворна работа за смирување и тешење најчесто ја избира самото дете, и тоа на возраст од 6 месеци до 1 година, а му дава утеха и чувство на сигурност. Не е чудно што баш тогаш детето има потреба од своето ќебенце, играчка или некој предмет бидејќи почнува со одвојување од мајката или таткото или лицето за кое е врзано. И баш тој преоден предмет му го намалува стресот и помага во што побезболен премин во нова фаза од животот.

Проблемот настанува ако детето го изгуби својот преоден предмет, бидејќи се однесува како да ја изгубило личноста која ја сака најмногу на светот. Неутешно е. Психолозите објаснуваат дека ваквите реакции се случуваат бидејќи утешителите се „персонализирани“ и со самото тоа како да живеат, децата им се многу верни и тешко е да бидат задоволни со некоја нова или подобра играчка која сакаме да им ја дадеме.

На некои родители поврзаноста на детето со утешителен предмет им изгледа застрашувачка и се плашат дека детето никогаш нема да ја прерасне фазата на својата утешителност. Но, има многу истражувања што го докажуваат спротивното. Всушност, изгледа дека присуството на преодниот предмет во животот на детето е од големо значење за неговиот емоционален развој. Со ќебенцето и играчките детето почнува комуникација за своите чувства многу пред да проговори. Така почнува да ја вежба својата независност, учи да се „грижи за себе“, па воедно има и чувство на контрола над своето постоење и околина. На тој начин ги исполнува своите вродени потреби за да се чувствува сигурно и заштитено, а истовремено го развива и својот карактер. Детето кое социјално се развива и учи да ги чита знаците на околината со текот на времето самото ќе сфати како лицата кои го опкружуваат реагираат на утешителните предмети и спонтано ќе почне да се издвојува. Дозволете му на детето и во тоа да има контрола и самото да одлучи кога е време повеќе да не се теши на таков начин.

Не грижете се ако вашето дете е опседнато со некоја играчка или ќебенце и постојано го носи со себе, ако протестира кога сакате да го исперете, ако има напади на плач кога ќе го изгуби, тоа не е нешто негативно, само е фаза во развој во која детето се теши и преку својот преоден предмет добива сигурност.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top