Откако ќе почнат да одат, децата сакаат да се движат, да играат низ домот, во градинка, во паркот. Но, како што растат, поради училишните обврски, недостиг на самодоверба, бидејќи не се успешни во некој спорт, полека се откажуваат од занимавањето со физичка активност.

Како детето да се поттикне да се занимава со спорт? Ништо не може сосила. Детето би требало да ужива во спортот и да стекне навика за занимавање со физичка активност за целиот живот. Некои деца едноставно немаат натпреварувачки дух и учеството во тимски спортови, каде што се изложени на постојана критика од другите деца, им влијае демотивирачки. Затоа, дозволете му на детето да промени неколку спортови додека да го пронајде опкружувањето во кое ќе се чувствува прифатено и пријатно.

Детето не би требало да биде премногу оптоварено со слободни активности бидејќи, баш како и возрасните, ќе почне да се чувствува фрустрирано и веќе ниту една активност нема да му биде забавна, а елементот на забава и дружење со врсниците е многу важен за воспоставување континуитет во занимавањето со некоја активност, па така и со спортот. Најдобро би било физичката активност да се вклопи во дневната рутина. Ако родителите се занимаваат со некој спорт или со редовна физичка активност, на децата тоа им е дополнителна мотивација, додека заедничките спортски активности се дополнителна придобивка.

Колку е потребна физичката активност?

Кога се работи за деца од претшколска возраст, потребно е да им се овозможи активно да си играат неколку пати дневно, и тоа барем 60 минути планирани физички активности и 60 минути неструктурирани физички активности (играње), со одмори на секои 15 минути. Сè до поаѓање во основно училиште, на децата не им се препорачува занимавање со специфичен спорт бидејќи во таа доба им е намалена фокусираноста, што може да доведе до различни повреди, а некои од правилата може да бидат и тешко разбирливи за нив. За децата од претшколска возраст, важно е да се совладаат основните моторички вештини. Учениците би требало да бидат активни барем еден час дневно, што вклучува структурирана активност, а не е лошо уште 60 минути неструктурирана активност, односно игра, што вклучува играње на училишно игралиште (криенка, играње со топка).

Што земате предвид при изборот на физички активности?

Занимавањето со спорт им помага на децата да совладаат некои основни моторички вештини и социјални вештини, се учат на подобра комуникација и тимска работа, истрајност и решавање конфликти од различни видови. Се покажало дека училишните деца што се занимаваат со некој спорт, како и воннаставни активности, покажуваат подобри резултати во учењето, веројатно поради тоа што се присилени подобро да го распоредат своето слободно време и да се потрудат да го искористат времето за учење.

При изборот на спорт добро е да се обрне внимание на тоа дека тренинзите содржат три основни елементи, кои се важни за детскиот правилен раст и развој: да ја подобруваат детската издржливост, им ги јакнат и развиваат мускулите, па со тоа им овозможуваат подобра флексибилност на телото.

Издржливост: За подобра издржливост, важно е спортот да вклучува аеробни телесни активности со кои се забрзува работата на срцето и дишењето. Ако вежбите се редовни и траат одреден период, овозможуваат јакнење на срцето и дишниот систем, како и подобра снабденост на телото со кислород. Ова е многу важно за правилен раст и развој, особено ако овие активности се изведуваат на свеж воздух. Аеробни спортови се кошарка, одбојка, ракомет, фудбал, танцување, велосипедизам, уметничко лизгање, возење ролери, пливање, тенис, трчање.

Јакнењето на мускулите не мора да значи само одење во фитнес-сала – може само да се додаде некое оптоварување во текот на вежбањето, додека обичните склекови или стомачни ги јакнат мускулите и го подобруваат нивниот изглед. Вежбите за истегнување ја подобруваат флексибилноста, овозможувајќи им на мускулите и на зглобовите лесно да се виткаат и да се движат. Обичното достигнување на некои работи, допирање на подот со дланките или салто може да помогнат за подобро истегнување, па можете да ги поттикнете децата преку игра да ги изведуваат овие вежби и дома. Редовната телесна активност заедно со правилна, балансирана исхрана е клуч за здрав начин на животот, а на децата им треба родителска помош во остварувањето на таа цел.

Родители:

– Овозможете им на децата да се занимаваат со различни физички активности или спорт приспособен на нивната возраст.

– Овозможете им на децата секојдневно играње, трчање, возење велосипед, а можете и да им се придружите.

– Воспоставете редовен распоред за физичка активност, спорт или активна игра.

– Занимавањето со физичка активност нека стане дневна рутина

– Воведете здрави промени во својот живот за на децата да им бидете добар пример.

– Спортот и физичката активност нека бидат забавни.

Извор



912

X