Живееме во ера на неверојатна експанзија на технологијата и голем дел од своето време го поминуваме користејќи различни дигитални уреди. Цело време нè следи чувството дека ништо што правиме не е доволно добро, а речиси никој повеќе не се натпреварува со себе, туку наметнувањето секогаш е насочено кон опкружувањето.

Затоа не е ни чудо што во текот на последните две децении многу родители усвоиле прилично исцрпувачки модел на воспитување за своите деца да ги одржуваат во постојана хиперактивност. Тоа се родители кои сакаат нивните деца идеално да се подготват за живот, да имаат разнолико знаење и вештини, да постигнат одлични резултати на училиште, да бидат платени на работа и да бидат финансиски независни. Целта на овие родители е децата секогаш да им бидат најдобри во сè. Тие не се задоволни со фактот дека нивните наследници се добри ученици, па ги запишуваат на многу воннаставни активности, уверувајќи ги дека тоа е патот кон успехот. Дека сето тоа е за нивно добро. Главниот проблем на овој воспитен модел е тоа што се врши непотребен притисок врз децата, што на крајот ги одзема вредните моменти од нивното детство и како резултат на тоа, се создаваат емоционално неурамнотежени и скршени возрасни лица.

Кои се опасностите од ваквиот притисок врз децата?

Под влијание на притисокот на родителите дека мора да бидат најдобри, многу деца стануваат послушни и се повлекуваат. Тие деца обично можат да ги постигнат резултатите што ги бараат нивните родители, но долгорочно тоа ја ограничува нивната самостојност и емоционален развој, а тоа се најважните фактори за вистинска среќа и успех во животот. Ако родителите не му дадат доволно простор и слобода на своето дете, тие практично го спречуваат да го пронајде својот пат. Колку е посилен надворешниот притисок,толку се поголеми и очекувањата од детето, што за него претставува препрека да носи сопствени одлуки и да го развива својот идентитет.

Така, идејата дека детето треба да биде најдобро по секоја цена му создава на детето неверојатен притисок, каков што тоа не може и не треба да поднесува. Детството е време за учење, но и за игра и забава. Децата се добри во учење нови работи преку игра, грешки, фантазирање, а најмногу од сè преку контакт со други деца. Родителското очекување детето да биде најдобро во некоја област ќе ги уништи неговите кревки желби и соништа. Ваквото воспитување ќе им го одземе детството без да им даде нешто значајно за возврат.

Ваквото воспитување е причина за губење на внатрешната мотивација кај децата и задоволството во работите што ги прави. Кога родителите повеќе се фокусираат на резултатите отколку на напорот, детето ја губи својата внатрешна мотивација бидејќи смета дека резултатот е поважен од начинот на кој се постигнува. Ова може да ја зголеми веројатноста за измама на училиште – препишување, лажење и слично. Фокусирајќи се на резултатите, детето го губи интересот за стекнување вистинско знаење.

Парализирачкиот страв од неуспех

Постојаното чувство дека успехот е императив кај децата најчесто доведува до страв од неуспех. Како резултат на сите овие родителски напори, веројатно детето нема да ја постигне толку посакуваната самостојност и да стекне самодоверба. И уште една работа, постои реална опасност дека децата на таквите родители еден ден ќе ја прифатат просечноста само затоа што се плашат од неуспех.

Родителската амбиција најчесто води до губење на самопочитта кај децата

Многу супермодели признаваат дека сметаат оти се премногу грди или дебели, иако се успешни во својата работа. Тоа се случува затоа што нивото на перфекционизам на кое секогаш биле изложени прави да веруваат дека никогаш нема да бидат доволно совршени и дека и најмалото промашување е доволно за да бидат презирани од другите. Децата што растат со оваа идеја стануваат несигурни возрасни лица со ниска самодоверба и веруваат дека не се доволно добри за да бидат сакани. Како резултат на тоа, тие живеат во постојано барање одобрување од другите.

Што е важно да знае детето?

Децата не мора да бидат најдобри, туку мора да бидат среќни. Затоа само уверете се дека вашето дете:

– Е сакано, безусловно и во секој момент, без разлика на грешките што ги прави.

– Дека ќе го заштитувате и поддржувате кога можете.

– Дека може да го избере да го прави она што најмногу го сака и целиот свој живот да го посветат на таа страст, без разлика што мислат другите. Дека своето време може да го помине цртајќи мачки со шест нозе или нижејќи бисери во боја, но ако тоа е она што го прави среќно или навистина го сака, подобро да го прави тоа отколку да свири на виолина.

– Дека детето е посебна и прекрасна личност, како и многу други луѓе на светот.

– Дека заслужува почит и дека секоја друга личност на светот, исто така, ја заслужува неговата почит.

Што е важно да знаат родителите:

– Дека секое дете се развива со сопствено темпо и не би требало да го споредувате со другите деца на негова возраст.

– На академскиот успех на децата најмногу влијае тоа што родителите им го читаат на децата и секоја вечер да посветат малку време на негување на таа страст кон читањето.

– Дека детето што ги добива најдобрите оценки не е секогаш најсреќно бидејќи среќата не се мери со бројки.

– На децата не им се потребни купишта играчки, туку безгрижен живот и повеќе време со родителите.

– Дека децата заслужуваат слобода да истражат сè и самите да одлучат што им се допаѓа и што ги прави вистински среќни.

Автор: А. Цвјетиќ



912

X