Растењето во семејство во кое има алкохоличар има различно влијание врз децата. Сите семејства со алкохоличар не функционираат на ист начин.
Многу возрасни што имале родител алкохоличар имаат чувство дека никогаш немале детство.
Не се сеќаваат на безгрижност и сигурност. Децата од такви семејства обично го опишуваат своето детство како збунувачко, непредвидливо, хаотично и полно со стравови.
Малите деца чувствуваат дека нешто не е во ред, но не знаат дека нивното семејство е поинакво од другите зашто само за такво семејство знаат. Тие мислат дека сечија мајка се онесвестува на каучот по вечерата. Тие мислат дека сите се кријат под ќебе кога ќе си дојде таткото дома и ќе почне да вика.
Што е нормално детство?
Вистината е дека никој нема совршено детство. Сите семејства поминуваат низ добри и лоши времиња и на некој начин се дисфункционални, но можат да се утврдат некои семејни динамики што се поздрави од другите. Во здравите семејства децата обично чувствуваат сигурност и мир, уживаат во игрите, во креативната работа и во истражување, имаат надзор, извршуваат задачи кои се во согласност со нивната возраст, од нив не се очекува да ги кријат мрачните семејни тајни, не се срамат да поканат другари дома, не се изложени на психичко, физичко или сексуално малтретирање, дозволено им е да имаат чувства и мислење…
Децата чии родители се алкохоличари честопати немаат можност да бидат деца. Тие се оптоварени со одговорности, грижи и срам уште од најрана возраст. Не канат другари дома зашто тоа не им е дозволено, се срамат, или едноставно нивниот дом е непредвидливо место. Тие мора да ги преземат одговорностите на возрасните во ситуации кога нивните родители не се во состојба да го направат тоа – се грижат за браќата и сестрите, готват, плаќаат сметки, ги будат родителите за навреме да стигнат на работа.
Во семејство со алкохоличар обично нема правила или правилата што постојат не се доволно остри. Доследните правила носат структура и сигурност, ги учат децата на тоа што се очекува од нив и им помагаат сами да го регулираат своето однесување и да се однесуваат во согласност со општествено прифатените норми. Кога родителите-алкохоличари не се во состојба да забележат што прави нивното дете, тоа мисли дека не се заинтересирани за него. Понекогаш децата од такво семејство не се чувствуваат сакани. Кога на децата не им се дава позитивно внимание и поттик, тие се чувствуваат оштетено и мислат дека не заслужуваат љубов. Мислат дека направиле нешто поради што нивните родители не ги сакаат или нешто поради што мама и тато почнале да пијат алкохол. Тие фантазираат за тоа колку би ги сакале нивните родители кога би биле совршени. Во реалноста, секако, тоа што нивните родители пијат алкохол на никој начин не е предизвикано од однесувањето на децата.
Ако се чувствувате како да сте немале детство поради алкохолизмот на вашите родители, не сте сами. Многу деца чии родители биле алкохоличари чувствуваат трајно и длабоко влијание од таквиот живот. Некои сметаат дека на никој начин не им влијаело тоа што родителите им биле алкохоличари.
Но некои дури откако ќе пораснат или откако ќе станат родители, ги забележуваат ефектите од растењето во семејство со алкохоличар. Дел од тие ефекти се: анксиозност, страв, очекување совршенство и критичко размислување за себе и за другите, проблем да се опуштат и да се забавуваат, претерана одговорност, проблеми со довербата и со воспоставувањето интимни врски, страв од родителството и тешкотии при поставувањето правила и одредување граници за децата.