Некои деца се родени самостојни. Ни ја пуштаат раката уште на две години и се подготвени да играат со парче дрво или камења, да се качат на ограда и да почнат да владеат со светот без наша помош. Но, голем број деца не сакаат лесно да се одделат од своите родители, дури ни на неколку минути. Не постојат никакви играчки и забави што може да им се понудат, а најмалку 100 пати да не ги побараат родителите додека тие приготвуваат вечера или нешто слично.

За некои независната игра е нешто со кое детето се раѓа, додека други сметаат дека тоа е вештина што може да се научи.

– Некои деца играат самостојно, сконцентрирани и со големо внимание. Уживаат во тоа и притоа се многу продуктивни и креативни – објаснува психоаналитичарот д-р Лори Холман од Америка.

Други, пак, за игра сакаат друштво – пријател или родител. Тие уживаат во социјалната вклученост многу повеќе отколку во извршувањето на некоја задача или игра. Ако тоа го прават цело време, пропуштаат важен развоен чекор: уживање во времето поминато сами. Овој чекор е неопходен за изградба на имагинацијата и други вештини.

– Времето поминато насамо е доста важно. Тоа може да му помогне на детето подобро и полесно да учи во иднина бидејќи веќе научило самостојно да извршува одредени задачи. Исто така, децата што знаат да играат сами ја зајакнуваат својата самодоверба поради чувството на постигнување – објаснува Холман.

За родителите чии деца имаат проблем да играат сами, Холман предлага 6 начини на кои би можеле да го постигнат тоа:

Јасно дајте му одредена игра

Ако на четиригодишно дете му речете да оди да си игра само, тоа ќе биде преплавено со избори. И нема да знае да избере. Поедноставно е точно да го упатите што да прави. На пример, да собере сè што е потребно за цртање или за редење сложувалки. И тогаш дајте му задача. Дајте му упатства и кажете му на детето да ве изненади. Секако, пофалете ги неговата работа и трудот.

Не испраќајте го во друга соба

Децата што по природа не се независни не сакаат да поминуваат време далеку од нивните родители. Затоа, дозволете му на детето играта да ја „пресели“ во вашиот простор и да игра покрај вас.

Д-р Холман советува дека би било добро, доколку е можно, детето да игра нешто слично на она што го правите вие. На пример, ако готвите во кујната, во неа ставете ја малечката кујничка на вашето дете (ако има).

Притоа, објаснете му на детето дека и двајцата имате работа. Повеќето деца сакаат да се поистоветуваат со родителите и да ги извршуваат задачите самостојно како нив.

Предизвикајте го на креативност

На некои деца само им е потребен поттик за да дојдат во допир со својата креативна страна. Предложете им нешто и потоа тргнете се.

На пример, дајте му на детето фигури што им се допаѓаат и кажете им дека со нивна помош треба да смислат приказна. Кажете му дека ќе дојдете за 10 минути да слушнете што детето смислило. Наредниот пат кажете му дека ќе дојдете за 15 минути и така постепено продолжете го времето.

Наскоро детето само ќе знае да игра.

Почнете полека и често фалете го

Ниедно дете што не знае да игра само нема да научи во еден ден. Затоа, честитајте си себеси на секоја минута што ја поминало во самостојна игра, но не заборавајте да го пофалите и него. Но, бидете конкретни во вашите пофалби.

Пофалбите треба да бидат како: Колку убаво си ги наредил сините и црвените коцки.

Бидете му пример

Децата учат набљудувајќи го однесувањето на родителите. Така што, најголемата услуга што можете да им ја направите е да оставите сè, да земете книга и да седнете на кауч. Направете си и кафе. Нема подобар начин читањето да го направите привлечно од тоа детето да гледа дека уживате во читањето.

Истото важи и за другите активности. Децата сакаат да ја копираат вашата забава.

Најдете моменти за поучување – дури и на телевизија

Експертите го советуваат и ова – ако не сте премногу строги кога станува збор за екранот, телевизијата и компјутерот се некои од начините за на детето да му овозможите да помине време само.

Д-р Холман истакнува дека времето не мора да биде залудно потрошено и дека и екранот може да се искористи како наставно помагало. По еден час можете да го испитате детето што гледало, дали му се допадна и да почнете дискусија за гледаното.

Изберете некој детски документарец или нешто слично со поучна тематика. Детето ќе биде среќно ако ве научи нешто вас.



912

X