Кога телото зборува наместо вас…

Сѐ повеќе деца на непријатностите и стресот реагираат со телесни симптоми. Не е редок случај кога децата ќе тргнат на училиште да добијат некој вид алергија и кожни реакции кои не ги имале претходно, а притоа не се работи за алергии на храна или проблеми со дишењето. Кога ќе се јави која било телесна реакција, најважно е да се јавите на лекар за да проверите за што се работи, а ако тој потврди дека е сѐ во ред, значи дека проблемот е од психичка природа. Обично и самите лекари ги упатуваат децата на психотерапија.

Иако стресот е главниот покренувач за настанување на телесните тегоби, тоа не значи дека сите деца што поминале низ некаква стресна ситуација ќе го имаат и овој проблем. Обично се вклучени повеќе фактори, како што се наследните фактори, односот родител-дете, влијанието на средината и долготрајниот стрес на кој е изложено детето, а никаде не го канализира. Децата што имаат вакви тегоби главно се многу чувствителни и имаат тешкотии да ги препознаат и да ги изразат своите чувства. Затоа велиме дека тие ги соматизираат своите емоции – односно дека телото зборува наместо нив. Добрата работа е што повеќето вакви тегоби можат успешно да се надминат низ психотерапија.

Уплашени родители и деца под стрес

Чести се примерите стресовите на училиште (преоптовареност со материјалот, притисок околу оценките, проблеми во комуникацијата со врсниците, врсничко насилство, комуникација со професорите) или промени како преселување, развод, раѓање на брат или сестра, да бидат покренувач за појава на некои телесни симптоми. Тогаш родителите се многу уплашени за здравјето на своето дете и го водат на сите можни испитувања, но често резултатите се добри, па лекарите им кажуваат дека проблемот е од психичка природа. Подлабоките причини треба да се бараат во самиот склоп на личноста на детето и неговата перцепција на стресните случувања и начинот на искажување на емоциите, како и во самиот однос на детето кон важните луѓе од околината.

Егзема поради потиснати емоции

Едно девојче доаѓаше на психотерапија поради честите реакции на кожата во вид на црвенило и егзема, кои ги добиваше секогаш кога го потиснуваше чувството на лутина. Со текот на времето се освести дека немала дозвола за покажување на непријатните чувства, особено лутењето. Кога научи да ги препознава своите емоции и слободно да ги искажува на социјално-адекватен начин, кожните реакции значително се намалија. Чувствата се како вода, секогаш наоѓаат пат, а некогаш тој пат води низ телесни симптоми или болести. Затоа емоционалната писменост е клучна за менталното и физичкото здравје и затоа е важно од најрана возраст децата да се учат како да ги препознаат и адекватно да ги изразат своите чувства.

Автор: Љубица Богетиќ, психолог, психотерапевт и хипнотерапевт



912

X