Она што веднаш ни падна в очи е дека немаше дете што не беше заинтересирано за тоа што се прави на часот. Во програмскиот јазик Scratch сите почнаа да ги изработуваат своите приказни. Сами ги избираа ликовите во приказните. Имаа на располагање многу категории, имаа опции да изберат најразлични заднини, како и да направат ликовите да се движат. За ова е потребно само креативност, која со помош на овие часови многу се развива кај учениците

– Деца, минатиот час учевме за програмирање во Scratch. Дома кога ја презедовте програмата требаше да внимавате да не си ги заразите уредите со вируси – ги предупреди своите ученици-деветтоодделенци наставничката по информатика Благородна Сотиров.

Наставничката по информатика Благородна Сотиров

– Наставничке, ние веќе ја презедовме и дома сами програмиравме. Едвај чекаме тоа да го правиме и денес на овој час – рекоа учениците.

– Во ред, тогаш и денеска ќе креираме приказни. Вклучете ги компјутерите и почнуваме – им рече наставничката.

Вака почна часот по информатика со учениците во деветто одделение во Основното училиште „Панајот Гиновски“ во Општина Бутел. Во ова училиште од оваа учебна година има осум интерактивни табли со чија помош наставата е значително олеснета и поинтересна. Една ваква табла има и во новиот кабинет по информатика.

Децата почнаа да работат на компјутерите, а наставничката им помагаше и им објаснуваше како да го прават тоа. Она што веднаш ни падна в очи е дека немаше дете што не беше заинтересирано за тоа што се прави на часот. Сите почнаа да ги изработуваат своите приказни. Сами ги избираа ликовите во приказната. Имаа на располагање многу категории, имаа опции да изберат најразлични заднини, како и да направат ликовите да се движат. За ова е потребна само креативност, која со помош на овие часови многу се развива кај учениците.

Сами прават видеоигри

На интерактивната табла Сергеј создаде конверзација меѓу момче и девојче во училиштен ходник. Вели дека му е предизвик да прави нешто посложено, нешто што е потешко да се направи. Александар, пак, на интерактивната табла ни ја презентира видеоиграта што сам ја создал, а според движењата потсетува на „Супер Марио“.

– Ова е кученце што направив да се движи и да скока. Сега смислувам што да собира по пат, а сакам убаво да го осмислам и крајот на играта. Да се прави ова е навистина забавно – рече Александар.

Наставничката Благородна веќе 15 години работи во ова училиште. Вели дека се случува на часот да ги остави учениците сами да работат на интерактивната табла и тие да го водат часот.

– Понекогаш и јас учам од децата. Им дозволувам тие да работат и да презентираат што сработиле, сметам дека тоа е добро за сите во училницата. Scratch Junior и Scratch се учат во трето, четврто и во петто одделение, а од шесто се учи Python или C++. Во второ полугодие, според програмата, тие ќе знаат да креираат и видеоигри. Имаме компјутери и услови за работа, а интерактивната табла навистина ни е од корист на часовите – вели Сотиров.

Седмоодделенците прават табеларни пресметки во „Ексел“

Пред часот со деветтоодделенците присуствувавме и на часот по информатика со учениците од седмо одделение. Тие на интерактивната табла, но и на компјутерите сами правеа табеларни пресметки. Сотиров ги праша учениците што е табеларно пресметување.

– Тоа е пресметување на сума, на просек. На пример, наставниците можат со помош на вакво пресметување да го пресметаат просекот на успехот на учениците – рече ученичката Јана.

На прашањето какви табеларни пресметувања има, Јована одговори дека за таа цел се користат програмите Excel, Calc и Google Sheets.

– Во келијата Б7 напишете буџет. Во келијата Б8 напишете 1.000 денари. Замислете дека вашите родители ви дале 1.000 денари. Ако од оваа сума сте потрошиле 373 денари, пресметајте и внесете колку денари ви преостануваат – им рече наставничката.

Смилевски: Ќе настојувам целата настава да биде дигитална

Градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски, за „Деца.мк“ вели дека набавката на 50 интерактивни табли за сите осум училишта во општината се случила на негова иницијатива.

– Намерата ми е до крајот на второто полугодие во сите училници во училиштата во општината да има по една интерактивна табла. Ќе настојувам наставниците повеќе да не мора да предаваат и да пишуваат со креда на обична табла, туку наставата да биде дигитализирана и сè да се одвива со помош на интерактивните табли. Досега набавивме 50 со пари на општината. Една чини околу 1.000 евра. Сакав да бидеме различни, се надевам дека сме добар пример за другите општини. Овие табли се повеќенаменски, не се користат само на часовите по информатика, туку со нив може да се слуша и музика, да се црта, а може да се користат и кога децата имаат слободни активности – вели Смилевски.



912

X