Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две дечиња – едното веќе 3 години, а другото 8,5 месеци. Имам проблем со постарото. Ние живееме во нормална средина, детето е здраво, темпераментно, зборува добро, меѓутоа, проблемот е што не јаде ништо. Одбива храна по цел ден, гладно седи. Толку сум гневна, не знам како да се изразам, едноставно не сака ни залак да стави в уста. Ве молам за помош, не знам како да му ставам во главата дека треба да јаде.
Прашува: Маја
ОДГОВОР: Пред извесно време имаше многу слично прашање, па би ве насочила прво да го погледнете одговорот на тоа прашање на следниов ЛИНК.
Кога забележавте дека се појавил овој проблем со јадењето кај вашето постаро дете? Колку време постои? Дали хронолошки гледано тој би можел да е поврзан со некој друг настан што се случил во семејството, како што е раѓањето на другото дете?
Сосема е возможно одбивањето на храната кај вашето постаро дете да претставува некаков „штрајк со глад”, односно да претставува начин на кој тоа ви го покажува своето незадоволство од нешто што му смета или што му недостига. Дали постои нешто што се има променето во вашата семејна динамика кое би можело да биде причина за ваквото негово „штрајкување“?
Ивана Маринчек, психолог/фото: Борче Поповски
Исто така, важно е да се земе предвид каков е ритуалот на хранење во вашето семејство? Дали јадете сите во исто време седнати на маса или секој јаде посебно? Дали вашето постаро дете јаде само или некој од вас го храни? Дали можеби има промена во начинот на кој јадело до скоро? На пример, ако до пред извесно време сте го ранеле, а сега го раните другото дете, одбивањето на храната може да е начин на кој постарото дете го изразува своето незадоволство поради оваа промена.
Наместо да се лутите и да се нервирате поради ваквото однесување, ве охрабрувам да се обидете да погледнете и да разберете што стои зад ваквото однесување кај вашето дете. Дури откако ќе увидите што е во коренот на ваквото однесување, ќе бидете во можност соодветно да го адресирате и санирате.
Одговара:Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912