Спиењето во темница е еден од најдобрите начини за спречување на нарушувањата на сонот кај децата – од многу причини, објаснуваат педијатрите. Имено, сè – од силната светлина до послабата ноќна светлина, може да предизвика одредени проблеми со спиењето кои во ниту една смисла не се добри за детето.

Една неодамнешна студија на оваа тема потврдила дека изложувањето на светлина може да го намали нивото на мелатонин во телото до 90 проценти, што сериозно може да го отежне заспивањето, но и да резултира со послаб квалитет на сонот во текот на ноќта, што пак, влијае врз растот и развојот на детето. Инаку, сите видови светлина можат да влијаат врз квалитетот на сонот.

Во текот на летните месеци, подолгите дневни часови може да го отежнат заспивањето и исто така да ги разбудат децата премногу рано наутро. Други извори на светлина во спалната соба, исто така, можат да влијаат врз нарушувањата на спиењето кај децата. Светилки, екрани, ноќни светла, па дури и малку светлина од електронски уреди кои не се користат, може да предизвикаат големи проблеми. Сепак, одредени видови светлина се полоши од другите, додаваат експертите. Сината светлина што доаѓа од компјутерските екрани, паметните телефони и телевизорите е најлоша бидејќи има најголемо влијание врз нивото на мелатонин.

Една неодамнешна студија во која учествувале 36 здрави деца на возраст од три до пет години покажала дека сите ноќни светла и другите извори на слаба светлина може да предизвикаат децата да спијат полошо во текот на ноќта. Тоа е така затоа што дури и малото изложување на светлина еден час пред спиење значително го намалува природното ниво на мелатонин кај децата од предучилишна возраст.

„Нашата претходна работа покажа дека еден прилично висок интензитет на светлина пред спиењето го намалува нивото на мелатонин за околу 90 проценти кај малите деца“, истакнала авторката на студијата, д-р Лорен Хартштајн, соработник во Лабораторијата за спиење и развој на Универзитетот „Колорадо Болдер“.

„Во оваа студија бевме многу изненадени кога откривме висока супресија на мелатонин при сите интензитети на светлина, дури и при слаба осветленост во текот на ноќта“, заклучува експертот.

Истражувачите откриле дека нивото на мелатонин е намалено помеѓу 70 и 90 проценти по изложување на светлина во вечерните часови. За разлика од возрасните, промената не зависела од интензитетот, што значи дека дури и ниските нивоа на светлина предизвикале драматични промени во нивото на мелатонин кај децата, кој останал намален речиси еден час откако светлата биле исклучени кај повеќе од половина од децата во студијата. Бидејќи мелатонинот го регулира циклусот спиење-будење, ниските нивоа пред спиење може да доведат до проблеми со заспивањето и други тешкотии со спиењето. Ефектот е особено силен кај децата. Имено, очите на децата физички се разликуваат од очите на возрасните. Не само што зениците на децата се поголеми, туку и нивните леќи се попроѕирни. Тоа значи дека очите на децата не го спречуваат протокот на светлина толку добро како возрасните, објаснуваат педијатрите.

Друга студија, исто така, покажала дека ноќната светлина има негативен ефект врз видот на децата, односно предизвикува кратковидост. Имено, група американски научници откриле дека малите деца и бебињата што спијат со вклучено светло имаат поголема веројатност да бидат кратковиди од децата што спијат во целосна темнина.

Студијата спроведена на 479 деца на возраст меѓу две и 16 години покажала дека децата што спијат со запалено собно светло пред двегодишна возраст имаат пет пати поголема веројатност да бидат кратковиди.

„Нашите наоди сугерираат дека спиењето со запалено светло во раното детство може да биде важен ризик-фактор за развојот на миопија“, заклучил Ричард Стоун, постар истражувач и професор по офталмологија на Институтот за очи во Пенсилванија.

Извор



912

X