Не можеме секогаш да бараме од децата да се однесуваат добро, а притоа се чувствуваат лошо
Основната цел на човекот е да опстане и да преживее. Постои една теорија на хиерархија на мотиви која ја формулирал психологот Абрахам Маслов. Тој ги анализирал човечките потреби во хиерархиски ред, од потреби од најниско ниво до потреби од највисоко ниво. Притоа тој заклучува дека кога една група на потреби ќе се задоволи, таа престанува да биде главен мотиватор за човековото однесување. Таа улога ја презема другата група на потреби кои во дадениот момент се доминантни. Ако тргнеме од најниското ниво, ќе видиме дека во базата на личноста се физиолошките мотиви, потоа следува мотивот на безбедност и сигурност, припаѓање и љубов, почит и самоостварување. Сите овие мотиви човекот се стреми да ги воспостави и задоволи во текот на својот личен раст и развој, т.е. во текот на својот животен тек.
Така е и со децата. Кога ќе се роди, новороденчето тежнее да му бидат задоволени најпрвин физиолошките мотиви, како мотивот за храна, вода, сон. Потоа бебето посакува да се чувствува безбедно и сигурно во прегратките на својот родител или старател. Како што расте, на детето му е многу важно да се чувствува дека припаѓа и е прифатено во своето семејство. Но што ако детето не постигнало задоволување на некој мотив.
Христина Стефановска, психолог
Детето што не чувствува поддршка во семејството, гледа во него повеќе непријатели наместо пријатели, на пример, кога мајката ја зазема страната на наставникот при проблем во училиште и веднаш ги отфрла исказите на детето без да го сослуша или кога таткото ја коментира лошата игра на синот на фудбал пред децата. Кога, пак, чувството на припадноста отсуствува, децата стануваат агресивни, нервозни, се оддалечуваат од домот и повторно се свртуваат кон своите врсници, бидејќи „нивните родители не ги разбираат“. А нивните пријатели едноставно не се во состојба да им обезбедат неопходното основно чувство на заедница и припадност. Тоа го прави детето или адолесцентот раздразлив, вознемирен, анксиозен.
Не можеме секогаш да бараме од децата да се однесуваат добро, а притоа се чувствуваат лошо. Кога детето се чувствува подобро, подобро и се однесува. Вештината на родителот останува во тоа да ја открие и да се справи со емоцијата што стои зад тоа однесување и да открие која психолошка потреба детето не ја задоволило.
СОВЕТ: За да можеме да бидеме добри родители, треба да бидеме емоционално поврзани со своите деца. Затоа треба да ги истражуваме сопствените болки, кои честопати можат да ни оневозможат да се чувствуваме поблиски, а со тоа и помалку активирани со своите деца.
Автор: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти
912