Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам синче од нецели 6 години и од септември ќе тргне на училиште. Сака да учи, знае да пишува и заинтересиран е за нови работи, но некако кога ќе му споменеме за одење на училиште, не сака многу да слуша за тоа и не искажува радост. Да споменам дека е срамежлив, се дружи со другарчињата што одеше во градинка, но со возрасни не комуницира. Исто така, во семејството очекуваме бебе на крајот од годинава. И за таа вест не сака да слуша, ги затвора ушите, не сака да ми го допре мешето. Сега му објаснувам за бебето и го подготвувам, но се плашам како ќе го прифати. Многу е емотивен и приврзан со нас, родителите, особено со мене. Како да постапиме, како да го подготвиме за овие два големи настани?

Прашува: Сања

ОДГОВОР: Природна и оправдана е вашата грижа за новите промени со кои ќе се соочува вашето дете наскоро. Но ова се промени што ќе влијаат врз сите во семејството бидејќи вашата динамика и целиот семеен систем ќе се сменат. Ме радува што вашето дете е љубопитно и што учи нови работи, што сака да знае и се труди. Но, како вие да имате очекувања како би требало тој да се однесува во врска со дека наскоро ќе тргне во училиште. Веројатно посакавте да биде воодушевен, да се радува, да прашува, да биде помотивиран или, пак, едноставно да се занимава со таа идеја. Секое дете покажува различни емоции кога се во прашање новите промени, а и поради својата единственост, збунувачки е понекогаш за родителите кога детето не реагира на некои работи исто или онака како што тие очекуваат. Исто така, доколку училиштето му е претставено на детето како обврска, тоа нема да биде многу воодушевено.

Билјана Манасова-Јовановиќ

Бидејќи рековте дека вашето дете е срамежливо, веројатно стравувате како и на кој начин ќе се вклопи во новата средина, како ќе се снајде со новите другарчиња, новата учителка, новите обврски, навики итн. За да му помогнете да се подготви за новата животна улога и како ученик, а и како поголем брат, би требало да го информирате и делумно да знае што ќе го очекува и во училиште и кога ќе добие брат или сестра. Разговарајте со него за тоа како изгледа на училиште, што е различно на училиште отколку во градинка. Дека големите и умни деца веќе одат на училиште, каде што учат многу нови, интересни работи и дека е убаво кога знаеш многу работи.

Инаку, веројатно сè уште не знаете што сè ќе биде потребно за училиште, па полека заедно купувајте некои мали работи што ќе му бидат потребни, па тој да одбира (гуми, моливчиња, тетратка…), но без да го прашате, на пр., „Дали би сакал да одиме утре да купиме нешто за училиште“, туку „Во вторник ќе одиме да купиме гуми и моливчиња за училиште, да одбереш какви ќе ти се допаднат“ или, пак, облека, па така на неколку дена полека да се подготвува. Со ова претходно го известувате и му најавувате кој ден ќе одите за тој да биде спремен.

Поради состојбата, сè уште не се знае на кој начин ќе се одвива наставата, па бидете искрени и за таа информација, објаснете му за можните промени на начинот на кој ќе се учи и, секако,  прашајте го вашето дете дали има прашања, дали би сакал нешто да знае, како се чувствува. Исто така, добро е да му кажете како беше кога вие се запишувавте на училиште, што сте искусиле и како ви било. Покажете доверба кон своето дете, може да се случи тој многу добро да ги чувствува вашите стравувања, а и вашите очекувањата, кои не ги покажува, па уште повеќе да биде збунет. Не мора да покажува голем интерес, доволно е вие да го водите и секако да не го оптоварувате премногу со информации.

Колку повеќе верувате во вашето дете, толку повеќе тоа ќе чувствува сигурност во сите нови промени, а и дека секогаш може да разговара и дели со вас сè што ќе го мачи.

Ако детето не покажува интерес за вашата бременост или воопшто за бебето, не присилувајте го да го гали стомакот и немојте премногу да му зборувате, тоа ќе доведе до поголема одбивност. Претпоставувам дека затоа ги затвора ушите. Ако почне да пројавува интерес или се распрашува, кажете му што се случува. Може да му покажете и слики за да види како бебето лежи, како се храни со папочната врвца, како расте…, или ако чувате слики од бременоста со него, слики од времето кога тој бил бебе.

Бидејќи децата на возраст како вашето дете сè уште немаат чувство за поминување на времето (за месец, два…), можете да кажете дека кога ќе биде многу ладно, околу Нова година (или кога поточно), ќе добие братче или сестричка.

Информирајте го за промената со потенцирање колку е голем и разумен, дека ако сака, ќе може да помага дома, дека умее и дека му верувате, но не претерувајте во очекувањата.
Tешко е однапред да се каже како ќе реагира детето на својот нов брат или сестра. Се случува некои деца да бидат воодушевени, а повеќето да покажуваат љубомора, која е сосема природна. Повеќето деца се борат со мешани чувства кога слушаат дека нивната мајка ќе има друго бебе, возбудени се, но во исто време и исплашени дека родителите ќе имаат помалку време за нив.

Поради тоа, нека не ве изненадуваат различните однесувања што се можни во вакви ситуации, кога доаѓа до регресија (да биде луто, да се однесува како бебе, некои деца мократ, може да бара поголемо внимание итн.). Ова само природно дава можност да го уверите своето дете дека навистина го сакате и дека го цените, но бара трпение.

Засега мислам дека е доволно што ќе се подготвувате за училиште, а кога ќе бидете поблиску до терминот за породување, може заедно сите тројца да отидете да купувате работи што се потребни за бебето, но тој да одбира, да биде вклучен за да се почувствува голем и важен. Побарајте совет од него:
„Што мислиш, што би сакало бебето да облече?… понудете избор. Тогаш можете да му посветите повеќе внимание за да го подготвите за она што претстои, да му објасните дека кога ќе отидете на породување, тој ќе остане со тато, баба, дедо, но дека постојано ќе се слушате и ќе гледате на телефон, и дека за неколку дена ќе бидете дома.
Бидете искрени и објаснете му за убавите и не така пријатните работи што ќе се случуваат кога бебето ќе биде дома. Посветете му повеќе внимание и дајте му доволно време за да се приспособи на промената, за секоја нова адаптација треба време.
Децата во животот ќе мора да научат како да се носат со непријатните чувства, и тоа е во ред, со ваша поддршка и охрабрување верувам дека ќе успее  полесно да се справува со нив.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X