Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Би сакала да ве замолам за помош и стручен совет. Се работи за синот на мојот партнер, кој е разведен од поранешната сопруга. Тој има 8 години, живее со својата мајка, а доаѓа кај нас секој викенд. При посетите сѐ е во ред, среќен е, ужива, играме, шетаме, постојано правиме работи заедно, не поминува ниту миг сам. Ретко одлучува да остане да ја преспие ноќта, иако знае дека може да го направи тоа. Родителите не се во пријателски односи, комуницираат само службено за потребите на детето.

Она што ме збунува е односот на детето кога ќе нѐ сретне на улица случајно, бидејќи живееме во близина. Често се случува да не каже ниту збор, ниту да се поздрави, едноставно се крие во мајката и молчи срамежливо како да не се познаваме, иако редовно доаѓа кај нас и очекуваме дека би требало нашиот дом да го смета за сопствен.

Се има случено и кога е со нас, а ќе ја сретнеме мајката, исто да се однесува и кон неа, да не ѝ зборува. Не разбирам од каде доаѓа ваквото однесување и што би требало да му се каже за да се надмине оваа ситуација. Родителите се разделиле додека детето било мало, имало една година. Пред него тие се однесуваат коректно и се обидуваат да покажат дека немаат проблем. На детето не му е објаснет разводот, од него се очекува само да е свесно дека ситуацијата е поразлична отколку во семејствата каде што родителите се заедно. Се работи за исклучително чувствително и срамежливо дете. Неколку години по ред има проблем со повремена несвесна дефекација, која не ја пријавува. Родителите имаат направено еден обид за консултација со детски психолог, но незадоволни од исходот, не продолжија. Секој предлог за консултација со стручно лице наидува на негативни реакции со изговор дека е фаза која ќе помине.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Почитувана, драго ми е што отворате една навистина чувствителна тема за која помалку се зборува, а бара сериозен третман од нас, возрасните. Возраста на детето е еден од факторите преку кои можеме да видиме како детето ќе помине преку процесот на разделба на родителите и какви последици би имал тој врз него. Во вашето излагање на проблемот споменавте дека родителите на детето се разделиле кога тоа имало една година. Во таа возраст детето секако нема да знае за што станува збор, ниту пак ќе може директно да му се каже. Но, тоа можеби ќе чувствува големи промени во расположението на родителите и поширокото семејство, ќе чувствува дека се случува нешто лошо, дека нешто се менува.

Христина Стефановска, лиценциран психолог

Може да се случи детето да биде вознемирено, да го менува ритамот на спиење, да биде нервозно, срамежливо, да се плаши од одвојување од мајката и интензивно да плаче. Подоцна, како што детето расте со оваа динамика, последиците од разводот врз личноста на тоа дете не зависат од настанот како таков, туку од заклучоците што тоа ги формира за себеси, родителите, околината и за светот, а кои се формирани врз основа на тој настан.

Колку е помало детето, толку е поголема веројатноста дека донесува погрешни заклучоци и верувања. Родителите кои се разделени треба да разговараат за да му помогнат на детето да не донесува погрешни заклучоци што ќе му наштетат подоцна во животот креирајќи му погрешна база на размислување која најлесно може да го претвори во анксиозен возрасен човек. Децата што погрешно ја преземаат одговорноста од овој процес воедно и се обвинуваат себеси за разводот на родителите. Па, на пример, дете кое се обвинува, мисли: „Моја вина е што тато не е дома. Тато замина бидејќи не ме сака доволно. Ако ме сакаше доволно, ќе останеше со мајка ми и само затоа што ме сака“ или пак „Да бев подобро момче, тој повеќе ќе ме сакаше. Тој ме остави да живеам на овој начин затоа што не сум доволно добар.“

Ваквите себеобвинувања се крајно деструктивни за личноста на детето и носат огромен емоционален набој, па ако не се пријде на адекватен начин со цел да се канализира таквиот набој, тој се акумулира во телото и се претвора во физички импулс или аларм со кој детето сака да прати порака дека она што се случува во него му тежи, како на пример, она што и вие го споменавте како несвесна дефекација или медицински енкопресис.

Ова дете е исклучително чувствително и срамежливо, а тоа е одраз на непријателскиот однос меѓу неговите родители и таа формална комуникација која само ги вклучува основните потреби на детето.
Но, на ова дете му е потребно да се разговара многу повеќе отколку досега, потребно е да му се задоволат неговите психолошки и емоционални потреби. Да, постојат разделени родители, но родители што имаат позитивно видување еден за друг, да зрачат со родителска самодоверба дека ова дете од овој неуспешен брак заслужува и може да биде реализирано и успешно дете. Потребна му е поддршка, и психолошка и емотивна, потребно му е да слушне од секој од родителите дека тој е најубавото нешто што му се случило во нивната врска, дека силно веруваат во него, се гордеат со него и се среќни што го имаат на овој свет.

Она што вам ви преостанува во релацијата со детето е да сочувствувате со него и да му оставите простор да се изрази. Сè друго е во рацете на родителите и нивните одговорности.

Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X